Партиите немаа време за Кодексот против насилство на изборите
Лидерите на политичките партии денеска немаа време да го потпишат Кодексот за превенција од насилство за време на Парламентарните избори 2016. Нелко Нелкоски од Македонскиот центар за култура и развој, на денешната прес-конференција на која беше најавено потпишување на Кодексот, рече дека сите партии го поддржуваат, но поради обврски со кандидатските листи денеска не можеле да дојдат и оти ќе го потпишат во наредните денови. На претходните изборни циклуси, политичките партии потпишуваа Кодекс за фер избори, а сега, на изборите на кои се очекува излез од политичката криза, се потпишува Кодекс за превенција од насилство за време на изборите.