Во изминатите денови „ѕвезда“, би се рекло, во медиумите беше, а се чини и натаму останува, специјалната обвинителка Катица Јанева: откако почна да се разгледува шестмесечниот извештај за работењето на СЈО и откако таа ја напушти седницата на комисијата за политички систем поради навредите кон неа, откако ја напушти и седницата на Советот на јавни обвинители, каде што исто така почна да се разгледува тој извештај и откако СЈО обелодени дека отворило нова истрага за економски криминал на високи функционери од власта со кодно име „Трезор“.
Од Утрински и од Нова Македонија може да се дознае дека СЈО, поради основано сомнение, отворило истрага против четири лица кои од државниот буџет проневериле над 850 илјади евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата управа на МВР.
Слободен печат оди со имиња: „Мијалков, Грујовски, Јакимовски и Стајковиќ го ’закрпиле’ буџетот, Крпач не стасал да ја ’распара’ приказната“.
Во врска со извештајот на СЈО, во провладините печатени медиуми продолжуваат жестоките напади врз Јанева: Вечер прашува „Зошто бега Јанева? – Со плата од 3000 евра, таа има обврска да даде извештај и да одговара на прашања од пратениците“. Вечер ја објавува и изјавата на Солза Грчева, поранешна пратеничка на СДСМ, а сега независна: „Очекувавме СЈО да работи сериозно – добивме сценски настап!“
Утрински ќе наведе дека „Барањето отчет, Катица Јанева го нарече мобинг“, а Нова Македонија наслови: „Поради навреди и напади, Јанева ја напушти седницата на Советот на јавни обвинители“.
Прилично загрижувачки се шушкањата на некои медиуми дека Парламентот ќе се распуштел десетина дена подоцна, што би значело дека „Изборите влегоа во сива зона“ - како што наслови Утрински. Весникот додава дека сите вакви информации се во доменот на шпекулации, но дека речиси сите упатуваат на тоа дека калкулирањето на Уставниот суд да се изјасни за СЈО, може да придонесе за ново одлагање на изборите. Дневник ја објавува истата шпекулација, но како да е посигурен во неа: „Неофицијално на големо се зборува дека е малку веројатно распуштањето на Парламентот да биде на 12 следниот месец, бидејќи допрва треба да се донесе буџетот за 2017 година и да се прекрои Шестата изборна единица“. Нова Македонија излезе со наслов: „Шестката ја заборавија, но може да ја продлабочи кризата“.
Инаку, за новиот буџет, кој влезе во матичната Комисија за финансирање, Утрински ги објавува ставовите на власта и на опозицијата: „За власта тој е развоен и социјален што треба да ја намали невработеноста, за опозицијата е надуен и ќе донесе уште поголемо осиромашување и иселување од државава. Тој инаку е проектиран на рекордни 3,3 милијарди евра“. Слободен печат ја пренесува изјавата на пратеникот Марјанчо Николов дека: „Буџетот е развоен колку што има витамини во ајварот“.
Иако се случува преку Океанот, сепак предизвикува интерес: претседателската трка за Белата куќа. Првиот ТВ дуел Трамп – Клинтон го поттикнал Утрински да праша: „Кога ќе гледа Македонија дуел како меѓу Клинтон и Трамп?“, па се префрла на домашен терен: „СДСМ и натаму инсистира на директна дебата пред граѓаните, на сите нивоа, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сè уште е рано и дека проценките ќе ги носат во согласност со текот на кампањата“.