Достапни линкови

Меѓуетнички тензии - предизборен фолклор


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Пред избори повторно се отвораат меѓуетничките теми и заканите за федерализација на државата. Создавањето тензии што ќе го зголемат рејтингот на партиите стана предизборен фолклор во Македонија.

Граѓаните се порезервирани сега во однос на претходно во врска со подигнувањето на тензиите поврзани со меѓуетничките теми, но и опозицијата треба да биде повнимателна кога ги отвора, сметаат дел експерти. Ваквите коментари следуваат откако сега, на нешто помалку од три месеци до изборите, како главна тема повторно се наметнаа меѓуетничките односи. До ова дојде откако лидерот на СДСМ Зоран Заев во неколку настапи зборуваше за употребата на албанскиот јазик по што од ВМРО-ДПМНЕ и некои медиуми што се сметаат за провладини инсистираат дека тој ќе воведел двојазичност на целата територија, а потоа ќе се отворело прашањето и за федерализација.

Се испревртуваат тезите и се оди во генерирање тензии, оценува аналитичарот Алберт Муслиу.

„Не верувам дека тоа е голем ризик, затоа што истите тие кои тоа го генерираат се во добра меѓусебна комуникација и веднаш по изборите тоа и ќе почнат да го смируваат. Ова го гледам како дел од нашиот стандарден предизборен политички фолклор“, вели Муслиу.

Според него, сите партии во Македонија знаеле за резултатите од минатогодишната ревизија на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор во кој се препорачува граѓаните кои се над 20 отсто, во комуникацијата со централната власт, да може да се обраќаат на мајчиниот јазик.

„Тоа не подразбира дека секој во Македонија ќе биде задолжен да ги учи двата јазика туку подразбира дека ќе има технички можности граѓанинот Албанец и во општини каде што не се над 20 отсто во комуникацијата со дисперзираните единици во тие општини да може да комуницира на својот мајчин јазик“, вели Муслиу.

Професор Никола Дујовски вели дека ова се теми кои се одамна познати во општеството и треба да се зборува за нив и да се бара решенија, но не е добро што тоа се прави во предизборен период.

„Сега може да имаме дијаметрално спротивни ставови и изјави од ставовите што ги имаат политичките партии. Секој што се обидува на таа карта да добие гласачи може да му се случи пред одредено време во Хрватска, на готова работа социјалдемократската партија ги изгуби изборите поради отворање на националните теми“, вели Дујовски.

Во меѓувреме, преписките меѓу партиите продолжуваат, па ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека се против воведување на двојазичност на целата територија на Република Македонија, а од СДСМ остануваат на тврдењето дека Заев во ниту еден момент не споменал двојазичност.

И на претходните изборни циклуси не заостануваа односите меѓу двете најголемите етнички заедници. На претседателските и предвремените парламентарни во 2014 година, владејачката партија бараше мандат повеќе за да не биле уценувани од ДУИ кои бараа консензуален кандидат за шеф на државата. На претходните локални избори што се одржаа во 2013 година, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дури коалицираа во Кичево и во Струга во обид градоначалникот да биде Македонец.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG