Достапни линкови

Киднапирана вистина и големи поделби


Тезите за киднапираната вистина на професор Љубомир Цуцуловски, како и колумната „Стамбол на Босфор“ предизвикале големи реакции кај нашите читатели.

„Партиите ја киднапираат вистината за да внесат забуна кај граѓаните, а збунетоста е чекор кон дефетизам“ - е едно од размислувањата на професор Љубомир Цуцуловски во редовното неделно интервју за РСЕ.

Но Олга Миновска, во постот на нашата Фејсбук страница смета дека професорот „е вртикапа“, го потсетува дека „до вчера ја фалевте власта“ и го прашува: „Зарем требаше да излезат ‛бомбите‛ за да проговорите, зарем не гледавте со кого имаме работа или ви требаше храброста на Заев?“ Со ова мислење не се согласува Марјанчо Ангеловски кој вели: „Можеби и вие некогаш сте гласале за Јакимовски или Боцевски (цело Идризово ВМРО-вски град), па денес можеби имате друго мислење и став“.

Читајќи ги вашите коментари по некои колумни/блогови на нашата Фејсбук страница, почитувани, човек почнува да се прашува дали навистина е толку силна поделбата по религиска, па и по етничка основа помеѓу нашите граѓани или тоа се само исклучоци, но толку изразени и впечатливи, што дури го плашат човека. „Стамбол на Босфор“ или „Посветено на ердоганшината, путинизмот, груевизмот“ се насловот и поднасловот на текстот што на Фејсбук предизвикал цела лавина реакции и препукувања, ставови за тоа дали Стамбол е е Истанбул, Цариград или Константинопол, па дека „тоа што сега се прави во Турција Сулејман Величествениот и Ататурк ќе се превртуваат во гроб“ - како што напишал Алекса Малчески, кому Булент Турксој му одговара дека за Сулејман гледал серија и дека воопшто не бил таков како во серијата и дека веројатно мислел и дека Рамбо ги ослободил Виетнам и Авганистан, Шаин Шакир мисли дека РСЕ била „маша на империјалистичка Европа и Америка кои биле пред распаѓање“, итн итн.

По текстот „Власта ја легитимира корупцијата“ во кој консултираните експерти велат дека „антикорупцискиот амбиент во државава целосно затаи“, Горан Младеновски напишал дека „Лебот е поевтин од бојата“, алудирајќи на протестите на Шарената револуција, а Влатко Николов искоментирал: „Лажете, после протестите ви дава Зајко вечера во ресторан“. Кирил-Кико Пировски, пак, постирал: „Додека не видам ред за кај Катица, не ќе нè биде за уште долго“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG