Достапни линкови

Поплавата на прво место, но испливуваат и други теми


Освен инфомации за поплавените, медиумите јавуваат и за евробарометарот и недовербата во Владата, напредокот на политичкиот договор, набавката на воена опрема и работата на СЈО.

Печатените медиуми продолжуваат со информации за отстранување на последиците од невремето во скопско и за тоа колку пари се собрани досега за настраданото население, иако полека се наѕираат и други теми во ова по малку „празно‟ годишноодморско време.

Утрински ја објавува најновата анкета што за Европската комисија ја спроведе Стандард евробарометар: „Расте довербата во ЕУ, паѓа во домашните институции‟ - информира во насловот весникот додавајќи дека 58 проценти од испитаници од Македонија ѝ веруваат на Унијата што било за девет проценти повеќе од резултатите добиени во анкетата во ноември лани. Весникот ги пренесува информациите на Народна банка на Македонија дека „Германија и Лихтенштајн вложиле најмногу во Македонија, а Холандија повлекла нешто повеќе од 23 милиони евра во првите три месеци од годинава‟.

Нова Македонија пишува: „Пржино 3 засега без ниту еден застој‟, објаснувајќи дека ад-хок телото за мониторинг на медиумите ги почнало активностите, ДИК ги собирала пријавите на спорните гласачи, а дека останувало во наредните две недели да се одржи лидерската средба и да се избере привремената влада со членови од опозицијата.

И Вечер има слична информација, но со конкретни датуми: „Преодна влада на 5 септември, избори на 11 декември?!‟ Инаку, за најважна информација за насловната Вечер ја избрал онаа за сообраќајката на Шеќеринска кај Мрзенци, но со предизвикувачки наслов: „Шеќеринска не возела... кој ли ќе ѝ верува?!‟

Во врска со преговарањата за решавање на политичката криза, Дневник како да изразува сомневање: „Дали спорните гласачи ќе ги пролонгираат договорените рокови – ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема причина за одлагање, СДСМ тактизира, а ДУИ и ДПА молчат‟, насловува весникот.

Слободен печат објави дека „Ад-хок телото за мониторинг на медиумите се состана без еден член избран на предлог на СДСМ‟.

Утрински го објави соопштението на Министерството за одбрана по барањата од СДСМ да го повлече тендерот од 250 милиони евра за набавка на оклопни возила, зашто се спроведува три ипол месеци пред избори, за што исто така објавува информација. Одбрана наведува дека наведената сума била шпекулација и дека сумата била и за други потреби на Армијата.

Исказот на Жерновски пред СЈО Слободен печат го наслови како „Правна шлаканица за тие што нарачувале шамари‟.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG