Разбирливо, водната стихија и причините за огромните последици од неа и човечките жртви се основната тема и во неделниците.
Глобус - Ќе нè спасат кога ќе се симнат од вртелешките на Коце
„Ќе нè спасат кога ќе се симнат од вртелешките на Коце“ е насловен главниот текст во Глобус во кој авторот прави споредба меѓу двата система за спречување на непријатни и опасни ситуации, оној од 1962-та и овој на Груевски од 6 август. Првата разлика, вели, е во учењето на грешките. „Овој систем не признава грешки, а ако не може да ги одбегне консеквенците, ги префрлува на друг. Дури и да ја префрлува одговорноста на ‛божјата волја‛, против која, секако, никој ништо не може. Стариот систем имаше поинакви практики и затоа на овој план, по поплавата во 1962 година на Скопје се направи и кејот на Вардар и езерото Козјак. Коце Трајановски на пример, пак, го уништи велелепниот кеј со кој се регулираше коритото на Вардар низ Скопје, една од многуте негови деструкции врз градот“ - заклучува Глобус.
Република - Зошто медиумите 'одиграа' за СДСМ?
„Место да подадат рака, долеваат масло на огнот“, „Волонтерите срамежливи, бизнисмените стегнати“, „Тињата ќе се исчисти, ќе останат луѓе и нелуѓе“, „Извртувањето на вистината како најголема доблест за платниот список“ - се некои од насловите во Република во кои критиките до државните институциисе нарекуваат „некрофилски“, прашува „Зошто медиумите ‛одиграа‛ за СДСМ?“ и цитира еден домашен уметник – колумнист кој вели дека „Егоисти и човекомрзци ја злоупотребија библиската катаклизма“. И, „Водната бомба не ја удави нечовечноста“ заклучува во уводникот Република, каде што, покрај другото пишува дека: „Овие изгубени ликови во времето и просторот не можат да сфатат дека во моментов на жителите на поплавените села не им се потребни филозофирања, обвинувања, паметосувања, покажување лажен морал на социјалните мрежи“.
Фокус - Не ги уби водата, ги уби државата
„И пред и по Грујо – потоп!‟ е насловен уводникот во Фокус, во кој се анализира немарноста и негрижата на актуелната власт за средување на она што не се гледа, што е под земја, односно подземната инфраструктура на градот и населените места околу него, како што вели еден стручњак, урбанист, а не да се парадира со некакви градби. „Моронштинава што ја шират со затскривање зад природата, без стручна анализа зошто се поплавија Стајковци, Ченто и Арачиново, зошто е проблематична Скопска Црна Гора, какви се одводните канали и слично е сериозен услов ‛природата‛ повторно да предизвика слични жртви“ - пишува неделникот наведувајќи дека од коалициската водена трагедија граѓаните треба да извлечат поука, и прашува: „Што добивме од приоритетните проекти на Владата? Убави ви се спомениците, не ви е гајле што се преплатени, ниту дали имате фекална канализација? Не ве тангира колку милиони евра ќе се лупнат за нова зграда на ‛Водовод‛, иако канализацијата е несалам“ - потсетува Фокус. Во анализата „Не ги уби водата, ги уби државата“, Фокус консултира урбанисти и градежни експерти кои оценуваат дека поплавата на неколку села во Скопско во подножјето на Скопска Црна Гора покажа дека затаиле државните институции, кои доколку функционирале во делот на превентивата најверојатно оваа несреќа немало да однесе ниту еден човечки живот. Па додава дека за осум години за Денот на дрвото се потрошени на 9 милиони евра, а ниските падини на Скопска Црна Гора се соголени, што е една од најголемите причини за поплавата, наведува неделникот, покрај другото, мислење на еден професор од Шумарски факултет.