Достапни линкови

Неделен печат – Политички договор и паралели со турскиот воен удар


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Фокус пишува за политичкиот договор меѓу четирите политички партии. Глобус и Република, пак, секој од свој агол прави паралели на состојбите во Македонија со неуспешниот воен удар во Турција.

Фокус - Глупавите владеат со Македонија!

„Кога во една држава главна вест е дека четворката партиски поглавари постигнале дил, тоа доволно говори дека бајаги сме зацапале во партократија“, пишува на почетокот авторката на воведната колумна насловена како „Глупавите владеат со Македонија!“ во најновиот Фокус. Па продолжува дека тоа за што лидерите си дале „беса“, па макар и да е скарано со логиката, потоа партиските стада ќе си го лапаат како локумче. „И додека се сакалдисуваме дали ќе се држат до договорот или не, барем имаме можност да се далдисуваме од лудостите на груевизмот. Сосема (не)нормално загадената вода од Дојранското Езеро експресно стана чиста како солза. Инспекторот што го открил тепачот на сопственикот на портал бил деградиран од Чавков! Задолжувањето од нови 450 милиони евра, фановите на пастирот го слават како историски успех. Како не им е срам? – најчесто ме прашуваат читателите на Фокус, кога ќе ме сретнат на улица“ – пишува натаму авторката на колумната. „Одговорот го пронајдов во дијагнозата на австрискиот психијатар Сигмунд Фројд“ вели, дека „првиот знак за глупавоста на човекот е целосното отсуство на срам. Е, овие, бре, што немаат ни срам ни перде, според фројдовски наод се глупави до балчак затоа што безброј пати демонстрираа бесрамие. Да беше жив Фројд, веројатно ќе стореше дополнителна психијатриска анализа за дилемата: зошто глупавите владеат со Македонија?“ – заклучува Фокус.

Глобус – Полициска држава

Колумната Таленти во најновото издание на он-лајн магазинот Глобус овој пат е насловена: „Полициска држава“ и во неа авторот ги коментира споредбите на Ердоган со Груевски и со излегувањето на народот во Анкара и во Истанбул за да ја бранат и одбранат легитимната власт. „Понекогаш се укажува на сличности помеѓу цврстата рака со која Ердоган владее со Турција и нахалното самоволие на Груевски кој се мисли неприкосновен владетел на Македонија. Напразно“, пишува Глобус. „Ердоган е влијателна личност во светски рамки, а локалното диктаторче не му е ниту до глуждови. Нивото му е свечено да отвора селски чешми, откако светот со омаловажување му покажа каде му е местото“. Според авторот на колумната, имало и други битни разлики, но една од најбитните е што граѓаните на двата најголеми града во Турција голораки застанале пред тенковите и војската за да ја бранат и одбранат легитимната власт. „Голоракиот народ во Македонија со месеци е на улиците, а режимот, чиј легитимитет е оспорен, од народот се брани со кордони полиција. Во Турција народот излезе на улици да ја брани власта, во Македонија, тајфата со полиција се брани од народот кој е на улица. Има разлика“, заклучува Глобус.

Република - Македонците ќе ги казнат пучистите на избори

Со сосема спротивен став е пишувачот на уводната колумна во Република, што ја насловува: „Македонците ќе ги казнат пучистите на избори“. И овде се прави паралела помеѓу случувањата за време на неуспешниот воен удар во Турција и протестите на македонските граѓани и на Шарената револуција во Македонија, заклучувајќи дека и во Турција и во Македонија пучистите не добиле поддршка од народот, а разликата помеѓу турскиот и македонскиот народ била во тоа што „Турците ги казнуваа предавниците на улиците, а Македонците сè уште трпеливо ги чекаат да се појават на избори. До кога ќе имаат трпение, не се знае!“ - извикува на крајот авторот на уводникот во Република.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG