Достапни линкови

Пелагонија тежи од жито, но никој не продава


Поволните временски услови овозможија земјата да роди и по пет тони пченица на хектар, но земјоделците не се задоволни од понудената цена од 8 денари за килограм. Бараат по најмалку 11 денари.

Пелагонија годинава тежи од жито. Поволните временски услови овозможија земјата да роди и по пет тони пченица на хектар. Но, радоста на земјоделците не траеше долго, зашто повторно се соочија со ниска откупна цена. Во екот на жетвата, мелничарите за домашното жито нудат по осум денари од килограм, што за земјоделците е неприфатливо. Тие бараат најмалку 11 денари.

„Да се надмине овој проблем и прв пат мелничарите да не мора да увезуваат пченица од Србија, Бугарија, Романија, туку да ја земат целата домашна пченица. Ние нема шанса да им дадеме жито по цена под 11 денари за килограм.“

„Ако државата се интересира за земјоделците ќе овозможи цената на житото да биде дефинирана од септември, за да знаеме пред сеидбата на што сме.“

„Земјоделците си ги бараме правата. Се соочуваме со намалување на откупната цена. Споредбата покажува дека еден литар нафта дава десет килограми жито. Сите репроматеријали се поскапени, а цената на пченицата секоја година паѓа“, велат земјоделци од пелагониско.

Поради ниската откупна цена, земјоделците одлучија да ја чуваат пченицата и да ја продадат кога ќе дојдат подобри времиња, односно по неколку месеци. Им помага и државата да не го дадат житото по ниска цена на тој начин што ќе го субвенционира 80 проценти од цената за складирање во силоси до шест месеци.

Министерот за земјоделство Михаил Цветков изјави дека живееме во пазарно општество, каде пазарот ја формира цената, а не државата.

„Сакаме да ја намалиме понудата на пазарот во екот на жетвата. Направивме истражување, можеме во силоси да складираме 80 илјади тони пченица по цена од 60 денари за тон пченица за месец. Откако ќе помине жетвата, земјоделците ќе можат житото да го продадат по повисоки цени“, рече тој.

Мелничарите објаснуваат дека цената е пазарна категорија и дека се формира врз основа на побарувачката и потрошувачката. Додаваат дека ќе го набават она жито кое има пониска цена, а е квалитетно. Некои од нив велат дека сè уште имаат залихи од лани, па не можат да понудат високи цени за откуп на годинашниот род.

Годинава во земјава ќе бидат произведени 300 илјади тони пченица од засеаните 80 илјади хектари, што е рекорд за последните десет години. Само во Пелагонија има по пет тони од хектар. Тоа ќе биде доволно за годишните потреби од жито да се задоволат од домашното производство. Имено откупувачките капацитети или млиновите преработуваат 270 илјади тони пченица годишно. Досега увезуваа околу 120 илјади тони од Србија, додека останатото беше од македонско производство.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG