Достапни линкови

Протестирам не е само секој ден во шест


Демонстрантите најавуваат нови форми на делување за да се информираат граѓаните кои се нивните барања. Велат дека има ефекти од притисокот врз власта и дека ќе одат до крај.

По осум недели од протестите на Шарената револуција кои секој ден почнуваат од пред зградата на СЈО, очигледно е дека има ефекти од притисокот врз власта, велат од движењето Протестирам, дополнувајќи дека блокирањето на раскрсниците во Скопје е продолжување на битката и со нови форми додека не се исполнат сите барања.

Мислам дека сè ова што се случува не е некоја нормална атмосфера во кој треба нормално да живееме и да протестираме секој ден само во шест како протест, туку ова е некоја форма на движење каде на различен начин може да се попречи нормалното живеење.
Александар Донев, граѓански активист.

Активистот Александар Донев посочи дека Протестирам не е само секој ден во шест, и оти ќе има и нови активности во иднина, но се уште не одлучиле какви.

„Мислам дека сè ова што се случува не е некоја нормална атмосфера во кој треба нормално да живееме и да протестираме секој ден само во шест како протест, туку ова е некоја форма на движење каде на различен начин може да се попречи нормалното живеење. Сакаме да привлечеме поголемо внимание и да ги информираме луѓето повеќе за тоа кои се нашите барања“, вели Донев.

Деновиве и СДСМ ќе ја објават стратегијата што планираат понатаму, а во меѓувреме од таму велат дека ги охрабруваат граѓаните да излезат масовно на протестите како што го правеа тоа и досега.

Од Протестирам рекоа дека денеска нема да има блокади на сообраќајниците, но оти излегувања на раскрсниците се планираат во наредните денови. Донев посочи и дека аболицијата е повлечена делумно и оти ќе одат до крај сè до нејзино целосно повлекување и оти и натаму ќе бараат оставка на Иванов и изјаснување на Уставниот суд за СЈО, како и техничка власт која ќе подготви услови за веродостојни избори.

„Мислам дека притисокот што го прави Шарената револуција и движењето Протестирам е многу повеќе од очигледен. Новите форми се само продолжување на нешто, зошто ние се уште не сме победиле. Ги охрабруваме и различните форми на протест зошто нема претставници, туку сите се Протестирам. Се бориме против криминалот и нашите форми се ненасилни. Се додека тие услови се почитуваат секој може да биде Протестирам.“

Вчера по половина час десетици граѓани кои се дел од Шарената револуција со автомобили блокираа три раскрсници во центарот на Скопје. Блокирани беа улиците покрај Соборниот храм, кај трговскиот центар Мавровка и покрај зградата на Црвениот Крст. Од МВР засега нема информации како ќе се однесуваат и дали ќе ги толерираат блокадите на улиците.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG