Достапни линкови

Македонија заборави на евроинтеграциите


Македонија сè повеќе се оддалечува од евроатланскиот пат, но виновник не е само политичката криза, туку и недостигот на волја на владата да ги спроведе потребните реформи.

Спроведувањето на реформите на кои Македонија се обврза со Договорот во Пржино, е еден од клучните услови за излез од кризата и за враќање на Македонија на евроатланскиот пат. Оваа јасна порака неодамна ја упати американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји, истовремено потенцирајќи дека додека земјите во регионот напредуваат, Македонија назадува во однос на евроинтеграциите.

За жал, власта проблемот со името со јужниот сосед Грција по сè изгледа го злоупотреби за да го одбере најлесниот начин со популизам да го излаже народот дека наводно се за евроатлански интеграции, но проблем е името.
Исмет Рамадани, Евроатланскиот Совет на Македонија

„Како што патував низ регионот, забележливо е колку прогрес е направен во другите земји, кај вашите соседи, а напротив колку многу Македонија заостанува, пред сè поради кризата, недостигот на одговорност и недостигот од реформи. Затоа е многу важно која и влада да се формира, кои и да се министрите во таа влада, да бидат посветени на обврските, да бидат одговорни, со нова енергија да ги исполнат обврските кон реформите што треба да бидат спроведени“, изјави при неодамнешната посета во Скопје, американскиот дипломат.

И експертите предупредуваат дека Македонија сè повеќе се оддалечува од евроатланскиот пат и дека европската иднина на земјава е премногу далечна. Но, според претседателот на Евроатланскиот Совет на Македонија, Исмет Рамадани, виновник за оваа состојба, не е само политичката криза, туку и недостигот на волја на владата да ги спроведе потребните реформи.

„За жал, власта проблемот со името со јужниот сосед Грција по сè изгледа го злоупотреби за да го одбере најлесниот начин со популизам да го излаже народот дека наводно се за евроатлански интеграции, но проблем е името. Како што поминуваа годините ние се послабо се носевме со другите стандарди кои се потребни за членство во НАТО и Европската унија“, вели Рамадани.

Сите извештаи за Македонија година во година беа сè полоши, вели Рамадани, потенцирајќи ја Црна Гора како добар пример на земја од регионот што со реформи и работа се изборила за покана за членство во НАТО, а притоа немало такво расположение кај народот.

Рамадани вели дека земјата мора да покаже решителност во евроатлантската определба. За таа цел, посочува тој, потребен е позасилен притисок и од внатре и од надвор.

„Од надвор би требало да бидат поексплицитни и поефикасни. Без многу молење, без многу советувања и дипломатски речник. И да се избере експертска влада со авторитети, со луѓе кои имаат личен интегритет, да се направат реформите, да се врати довербата во институциите, да се подготват изборите и да дадеме јасни сигнали пред ЕУ и НАТО дека навистина сме заинтересирани за влез во тие европски семејства“, изјави Рамадани.

Според експертите спроведувањето на реформите на кои постојано укажуваат меѓународните претставници ќе придонесе за подобрување на економијата, креирање на нови работни места и можности за сите граѓани, како и за воспоставување на силни институции со помош на кои Македонија ќе се врати на вистинскиот пат кон евроатланските интеграции.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG