Достапни линкови

Институциите молчат за чекмеџето на политичарите


СДСМ ќе продолжи да истражува за „заштедата“ на поранешниот премиер Груевски. Од него засега нема најава дека ќе го тужи Шилегов за клевета. Надлежните институции се уште не се огласија за случајот со становите.

Од СДСМ велат дека ќе продолжат да го истражуваат случајот со „заштедата“ на поранешниот премиер Никола Груевски од 120 илјади евра за една година. Како што најавуваат од оваа партија, тие ќе објавуваат нови докази за ова, но и за други случаи кои не се поврзани со прислушуваните материјали што беа објавени претходно.

Базирајќи се на приходите што ги има премиерот како плата како премиер, тоа се многу пари, не би рекол дека може да се заштедат дури и за 4-5 години, па дури и за 10 години.
Ариф Муса, поранешен антикорупционер.

Шилегов вчера ги покажа анкетните листови на Груевски од 2014 и 2015 година за кои обвини дека поранешниот премиер се обидувал да ги скрие. Со писмена реакција се огласи Груевски, тврдејќи дека единствен приход кој го има во изминатите години е приходот од платата што ја добива и оти не постојат никакви екстра приходи или сомнителни трансакции, но во меѓувреме нема информација дали Груевски ќе го тужи Шилегов за клевета.

Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство се уште не се огласија за овој случај, но по објавените анкетни листови на Груевски стручните лица се сомневаат дека институциите ќе постапат така како што им налага законот.

Поранешниот антикорупцинер Аруф Муса смета дека ДКСК се наоѓа пред нов предизвик и оти во анкетниот лист треба да има и дополнителен документ како Груевски заштедил 120 илјади евра.

„Треба да има документ, значи врз основа на што му се зголемени. Дали му се плата или од некои други приходи. Треба да приложи до ДКСК и дополнување на анкетниот лист и документ на кој начин му се зголемени. Не знам, не можам да го коментирам, меѓутоа базирајќи се на приходите што ги има премиерот како плата како премиер, тоа се многу пари, не би рекол дека може да се заштедат дури и за 4-5 години, па дури и за 10 години“, вели тој.

Инаку и ВМРО-ДПМНЕ го обвини Шилегов дека наводно купил два стана во нова зграда, но тој рече дека тие се стекнати законски и во рамки на неговите примања.

Груевски, пак, тврди целосна лага било дека неговите анкетните листови биле скриени и оти биле доставени до Државната комисија и достапни за јавноста. Меѓутоа Муса се сомнева дека институциите ќе постапат за последниот случај, дополнувајќи дека во последно време борбата против корупцијата затаила.

„Според Законот за спречување на корупцијата Државната комисија треба да постапува во таков случај. Многу убаво пишува дека ако Државната комисија ја испитува имотната состојба, обврзникот кога дава нецелосни, непотполни, невистинити податоци има законска основа да се преиспита неговата имотна состојба. Треба да се има смелост и да биде независна институција, па да може тоа да го направи, гледате какви ни се состојбите во државата“, вели Муса.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG