Достапни линкови

Откажаните избори главна тема во весниците


Главната вест во весниците е дека нема избори на 5 јуни. Пишуваат и за барањето за повлекување на аболицијата, како и за дипломатската офанзива за излезод кризата.

Главната вест во весниците е дека нема избори на 5 јуни, откако распуштеното па повторно свикано Собрание ги усвои измените во изборниот законик. И ја објавуваат сите печатени медиуми, се разбира, секој со свој „фил‟ на неа.

Утрински насловува дека „Изборите се откажани, неизвесноста продолжува‟ и додава дека „Вељаноски ги отвори вратите на парламентот за да ги откаже изборите на 5 јуни, но и за да ја врати Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ‟. Имено, Чавков си се врати на првата функција во МВР, а Спасов во министерството за труд и социјала. Ден пред тоа, „Уставен суд донесе времена мерка за запирање на сите изборни дејства‟ - информира исто така Утрински. Американската амбасада во соопштението што го објавува само Утрински бара Собранието да ги поништи помилувањата од 12 април „за да се зачува начелото на одговорност, да се избегне селективната примена на правдата и да се неутрализира сериозната загриженост во врска со неказнивоста‟. Утрински ја објавува и писмената реакција на ЕУ: „Могерини и Хан – Одлуката на Уставниот суд е можност за враќање на Договорот од Пржино‟.

Вечер оди со наслов: „Могерини и Хан бараат повлекување на аболицијата... партиите мора итно да ја адресираат сериозната загриженост за помилувањето на голем број функционери од претседателот Иванов‟. Инаку, веста за одлуката на Уставен, Вечер ја објави со следниов наслов: „Џабе фарбање, се враќа старата Влада‟. Вечер поставува и прашање „дали одложувањето на изборите без нов датум ќе повлече укинување на другите закони изгласани како дел од Договорот од Пржино што е прекршен повеќе од половина, како што е Законот за СЈО и Законот за Влада‟.

Дневник во наслов ја вади изјавата на претседателката на Уставен, Елена Гошева: „Правам преседан сега и никогаш повеќе, за доброто на државата‟. Слободен печат излезе со наслов: „Притисоците и гласот на разумот конечно вродија со плод – Уставен им пресуди на изборите од 5 јуни‟. Дневник, повторно „од свои извори‟ во СДСМ, пишува дека Заев сакал избори наесен, а странците го притискале за пролетта 2017, и дека наводно, неговата лидерска позиција во партијата била на стаклени нозе.

Во меѓувреме, Утрински информира дека Американецот Хојт Ји и Германецот Хајндл се во посета на Скопје во „дипломатска офанзива‟ но дека ќе имаат одвоени средби со партиските и државните лидери. Исто така од Утрински се информираме дека „Светот ги ограничува пестицидите, кај нас сè уште масовно се прска – ФАО и Светската здравствена препорачуваат високоопасните пестициди да се заменат со помалку опасни производи за да се намали зависноста на производство од пестициди‟.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG