Достапни линкови

ИД се повлекува од Ирак и Сирија


ИД ги губи териториите во Ирак и Сирија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:48 0:00

ИД ги губи териториите во Ирак и Сирија

Американскиот специјален пратеник во коалицијата која се бори против милитантите на Исламската држава Брет Мек Гурк изјави дека оваа терористичка група ја губи контролата врз територите во Ирак и Сирија. Тој повтори дека во борбата против милитантите е неопходна поголема глобална соработка.

Терористичката група се повлекува и овој „перверзен калифат“ се намалува“, изјави тој, додавајќи дека напорите на меѓународната коалиција да ги освои градовите Мосул во Ирак и Рака во Сирија бележат напредок.

Тој исто така изјави дека одлуката на американскиот претседател Барак Обама да го зголеми бројот на американските специјални сили во северна Сирија ќе помогне за натамошен прогрес во борбата против ИД.

Сепак, тој додаде дека американските војници нема да бидат ангажирани како во претходните мисии во светот.

„Четириесет илјади странски борци е двојно повеќе од оние што отидоа во Авганистан во осумдесетите години и знаеме до што доведе тоа. Значи ова е огромен глобален предизвик. Ние исто така, научивме некои лекции со текот на годините. Ние не сакаме американските сили да одат и да ги чистат овие градови, бидејќи тоа не е рецепт за одржлив успех. Ние веруваме дека одржлив модел е локалните луѓе да ги вратат нивните територии и да се вратат во своите домови“, изјави Мек Гурк на прес конференџцијата во Аман, Јордан при што побара поголема соработка на глобално ниво.

Терористичката група Исламска држава се повлекува и овој „перверзен калифат“ се намалува.
Брет Мек Гурк, специјален пратеник на САД за борба против ИД

„Ние треба да се бориме не само тука во Ирак и Сирија, туку исто така и на глобално ниво. Тоа е суштината, да ги дефинираме глобалните мрежи на странски борци и нивните финансиски мрежи“, вели тој.

Тој ја нагласи улогата на Јордан која како дел од меѓународната коалиција игра голема улога за регионалната стабилност.

Говорејќи за ситуацијата во Сирија, американскиот специјален пратеник Брет Мек Гурк оцени дека е многу важно во борбата против милитантите на Исламската држава да биде постигнат траен прекин на огнот меѓу сириските бунтовници и владините сили.

„Една од придобивките и зошто е толку важно да има прекин на непријателствата во Сирија не е само деескалација на граѓанската војна, туку исто така, да се пренасочат силите на умерената опозиција во борба против милитантите на Исламската држава. Тоа сега не можат да го прават бидејќи се борат против силите на режимот“, вели тој.

Соединетите Држави, заедно со Русија, се обидуваат да го заживеат прекинот на непријателствата, што во изминатиов период го замолча оружјето, за прв пат во текот на петгодишната војна во Сирија.

Сите дипломатски напори за решавање на кризата се безуспешни главно поради несогласувањата во врска со судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој одбива да ги прифати барањата на опозицијата и да ја напушти власта, но и во врска со прашањето кој се спаѓа во таканаречената умерена опозиција во Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG