„Трошиме пари на чоколадо, а ние немаме ни за леб!“ Со оваа парола денеска демонстрантите организирани од здружението „Протестирам“ тргнаа од пред канцелариите на СЈО до зградата на УЈП, која сега е дел од таканаречената „Шарена револуција“. Демонстрантите во знак на револт против големите задолжувања на Владата во разни бои ја офарбаа и зградата на УЈП. Тие симболично поставија и едно чоколадо, а во позадина можеа да се слушнат и прислушувани разговори од таканаречените бомби на опозицијата кои се однесуваат на задолжувањата.
Трошењето на парите од задолжувањата, како што наведе професорот и член на СДСМ, Драган Тевдовски треба да биде транспарентно, бидејќи долговите граѓаните ги плаќаат од својот џеб.
„Првиот чекор мора да биде транспарентноста во трошењето на народните пари, парите на граѓаните. Трошењето на парите од буџетот не смее повеќе да остане скриено. Секој граѓанин од својот компјутер мора да биде контролор и да има увид до последниот денар како се трошат парите од страна на институциите, бидејќи тоа се пари од граѓаните кои се дадени од разни даноци и давачки“, рече Тевдовски.
Првиот чекор мора да биде транспарентноста во трошењето на народните пари, парите на граѓаните.Драган Тевдовски, професор и член на СДСМ.
Јавниот долг во времето на оваа Влада, како што наведоа од „Протестирам“, при најавата на протестите, пораснал за 2 ипол милијарди евра. Во последните пет години, пак Владата се задолжува 15 евра секоја секунда, 52 илјади евра секој час, еден милион и 250 илјади евра секој ден.
„Оваа Влада го задолжи секое домаќинство во Македонија за 4.455 евра, и секој од нас за 1.240 евра. Овие бројки одовде само ќе растат! Со секој нивен ден на власт, ние сме сè посиромашни и позадолжени!, порачаа од „Протестирам“.
Тие сметаат и дека позајмените пари не се трошат за потребите на граѓаните, иако со малку, може да се направи многу, а како пример го даваат случајот на малата Тамара за чие лечење беа потребни 30 илјади евра. Од оваа година, според нив, само за камати за јавниот долг ќе бидат платени повеќе од 110 милиони евра, пари со кои можат да се направат три современи Клинички центри.
Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција, оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада. Освен во Скопје, протести беа организирани и во уште 14 града низ Македонија.