Фокус - Хорхе и хаос
„Хорхе‟ и „Хаос‟ се двата збора што, заедно со фотографија на специјалец како „свиткал‟ едно младо момче што протестира против одлуката на Иванов за општа амнестија, се наоѓаат на насловната страница на најновиот Фокус. А внатре, во воведната колумна открива дека „СЈО влезе во трага на имотот и сметките на Мијалков‟, што всушност ја забрзало амнестијата. „Некои велат‟ - продолжува колумната, „дека сценариото било детално навезено, дури и темпирано Иванов да ја обзнани аболицијата кога претседателите на Хрватска и на Словенија му беа гости‟. Авторката на колумната, пак, вели дека нејзините извори тврдат дека капката што ја прелила чашата и дала забрзување на контраакцијата на Иванов, наспроти акциите на тимот на Катица Јанева, биле над 100 барања од СЈО до Судот за контроли, проверки, претреси, замрзнување сметки, фирми и имот на Сашо Мијалков. „А тоа веќе е од рангот на апокалипса за Фамилијата‟ - заклучува Фокус.
Република - Има ли крај лудилото на СДСМ и на Сорос?
Насловната на Република исто така е „накитена‟ со неколку помали фотографии од метежот по скопските улици и искршениот мебел од Канцеларијата на Иванов, но со наслов: „Има ли крај лудилото на СДСМ и на Сорос? – Заев најави украинско сценарио‟. А во воведната колумна, авторот порачува: „Се спасивте од Судот, од народот нема‟. Па оди со тезата дека од амнестијата најмногу корист имале Заев, Верушевски и „чадорот“. „Заев и Верушевски‟, тврди Република, „беа печени за во затвор со еден куп докази, а чадорот успеа незабележано да си го избрише потписот од обидот за насилно менување на власта‟. Па додава дека опозицијата обвинувала дека одлуката на Иванов била исклучиво со цел да се заштитат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, за на крај да постави, дали свесно, прашање во стилот „не сум од овде‟: „Каков е овој „режим“ со целосно „партизирано судство“ кој не може да си обезбеди судски пресуди во своја корист?‟
Глобус - Македонија - чудна земја
„Таа е чудна земја во која со државни пари се гради славата на безвредни медиокритети и национални одредници, а се забораваат или оцрнуваат вистинските национални величини од сите сфери на живеењето‟, ја почнува авторот во он-лајн неделникот Глобус својата колумна „Македонија денес‟. Па продолжува да реди факти од нашето секојдневие - дека е обезморалена, дека доминираат лицемерието... непотизмот, простаклукот, неслогата, конформизмот. Дека сè уште е заглавена во калливата и смрдена националистичка бара, па стоејќи до колена во крвта на своето минато, посветува пресудно внимание на прашањата на генетиката, етногенезата, барокот, антиквизацијата, религијата, врховизмите, предавниците... Скицата на денешната Македонија во Глобус содржи уште недоброј елементи, за кои авторот вели дека се тажни, но дека „уште потажно и крајно неодговорно е да се гледа ваквата Македонија рамнодушно и молчешкум, како што би ја гледал некој пасивен минувач... Затоа не смее да се молчи и да не се дејствува. ‟ - порачува колумнистот во Глобус, додавајќи дека за човек да се оттргне од сите лаги на портокаловите институции пласирани преку медиумските слуги на власта, треба да се реши на неизвесен „смртоносен‟ скок во непознатото... да влезе во ризик да биде материјално-финансиски загрозен, физички санкциониран, казнет, затворен... „Но, отсекогаш било така: треба да се биде храбар човек за да може да се биде слободен и независен‟.