Достапни линкови

Мигрантите во Табановце разочарани и болни


Разочараност на Табановце
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Разочараност на Табановце

Во официјалниот камп во Табановце и во импровизираниот во меѓуграничната зона со Србија има околу 1.500 лица, претежно Авганистанци и Сиријци. Со денови престојуваат во мизерни услови, повеќето од нив се болни, но истрајни во одлуката да најдат подобар живот.

Кал, дожд, кашлање погласно од разговор и разочараност. Таква е атмосфера на Табановце и во двата кампа, едниот официјален прифатен центар, а другиот во меѓуграничната зона меѓу Македонија и Србија. Во вториот ситуацијата е и полоша. Таму денеска имаше околу 300 луѓе, претежно Сиријци, кои велат дека со денови се во импровизираниот камп во кој немаат речиси никакви услови.

Ситуацијата во која се наоѓаат мигрантите е многу лоша, бидејќи и временските услови ја отежнуваат ситуацијата. Се прават напори да се најде решение и за оние што се заглавени во меѓуграничната зона неколку дена, барем да можеме да ги сместиме тука во кампот бидејќи таму живеат во многу лоши и тешки услови.
Арбнор Тефику, помошник раководител на Центарот за мигранти во Табановце.

Дваесет ипет годишен Сириец од Алепо, кој не сакаше да му го снимаме лицето, вели дека се обиделе да влезат во Србија, но и покрај тоа што имале документи со печат од Македонија биле вратени назад. Сега вели, заедно со семејството не ги примале назад во прифатниот центар Табановце.

„Јас сум од Сирија и во мојата земја има војна и барам подобро место за живеење во друга земја. Тоа е мое право како човек. Нема што да правам, ќе чекам да се случи чудо можеби. Тие прво велеа границата е затворена и никој не може да помине од Авганистан, а сега не даваат никој да помине. Се надеваме дека ќе најдат решение за нашата ситуација бидејќи таа е тешка“, вели младиот Сириец кој е дел од групата која од двете страни ја чуваат полицајци, од едната српски, а од другата македонски.

Неколку стотина метри подолу во прифатниот центар Табановце ситуацијата изгледа малку подобро. Има поставено шатори во кои луѓето може да се стоплат и исушат од дождот, а присутни се и повеќе хуманитарни организации. Но Арбнор Тефику, помошник раководител на Центарот предупредува дека капацитетите им се преполни и дека сега вкупно со луѓето кои се во меѓуграничната зона има околу 1.500 лица, претежно Авганистанци и Сиријци.

„Ситуацијата во која се наоѓаат мигрантите е многу лоша, бидејќи и временските услови ја отежнуваат ситуацијата. Се прават напори да се најде решение и за оние што се заглавени во меѓуграничната зона неколку дена, барем да можеме да ги сместиме тука во кампот бидејќи таму живеат во многу лоши и тешки услови“, вели Тефику.

Повеќето во прифатниот центар се Авганистанци, а некои од нив го минуваат животот во шаторите веќе 25 дена.

„Пред неколку дена се обидовме да влеземе во Србија, но нė не пуштија да поминеме со образложение дека границата била затворена за Авганистанци“, вели 15- годишниот Абу Бакар.

И неговиот сонародник Абдил Дахеј поминал низ истите работи. Вели се чувствува безнадежно.

„Никогаш нема да се вратам во Авганистан, нема начин за враќање таму, немаме ништо ќе останеме тука, па ако и умреле овде“ вели Абдил.

Инаку Македонија веќе четврти ден не пропушта мигранти на јужната граница. Ваквата политика следи по заклучоците од самитот ЕУ-Турција и одлуката на Словенија да пропушта само мигранти што имаат виза за Унијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG