Достапни линкови

Ривалски партии и ривалски неделници


Покрај ривалитетот на двете најголеми партии во земјава пронижан и со говор на омраза, особено од страна на лидерот и другите високи личности на владејачката партија, на повидок е слична таква појава и меѓу двата неделника, Република и Фокус, сè со цел да се оцрни колку што може повеќе политичкиот противник.

Фокус - Време за ново Пржино

„Тепихот по шарите се познава, а крадецот по тоа што вика ‚држте го крадецот‛!‟, пишува Фокус во текстот со наслов: „Фабрика на фамилијата за местење на политичките противници‟. И објаснува дека од експресното апсење на Чаушот, до јавното оцрнување на Фокус и драматичните прозивки дека СДСМ е нарачател на фалсификат-личните карти, за да ја дискредитира власта, како Груевски да не е доволно црн и без тоа, разбравме дека е многу поверојатно дека токму Фамилијата стои зад целата местенка. Сосема е логично и возможно, тврди Фокус, по откривањето на фабриката за пасоши, „МВРО-ВМРО да го организирала своето криминално подземје да испечати и на Фокус да му подметне десетици лажни лични карти, афера со која потоа ќе мафта дека ја стокмила опозицијата и ‚нејзиниот‛ медиум за да го исфлека Груевски, чистунецот антикорупциски!‟ Инаку Фокус смета дека е „Време за ново Пржино‟, теза што ја пласира во својот уводник.

Република - Нема тепих што ќе го скрие – Заев

Контра на текстот во Фокус, Република излегува со анализа насловена како: „Нема тепих што ќе го скрие – Заев смотан во своите лаги‟ во кој, по којзнае кој пат, употребувајќи и лични навреди против лидерот на СДСМ, ги наведува своите аргументи дека Заев лажел по Израел, Словенија и ЕУ, а сега на ред дошла и Германија чија фирма Веридос се извинила за грешката со формуларите за возачки дозволи, пронајдени инаку во депоата на МВР, откако Оливер Спасовски од СДСМ стана прв човек на МВР.

Глобус - Уличарски речник

Најновото издание на он-лајн магазинот Глобус како наслов на анализата на говорот на Груевски пред жените од неговата партија наведува: „Македонска алтернатива: Или наместена победа на ДПМНЕ или насилство‟. „Уличната политика во неделата доби и уличарски речник на поранешниот премиер на земјава: Таа аудиовизуелна закана кон сите кои нема да го одберат за повторен премиер е слика и прилика на она што колумнистот на Глобус, Литовски, го нарекува разорен ум‟, пишува покрај другото неделникот, наведувајќи дека Груевски, дополнително опседнат со својата слика за деградација си порача „митинг по мерка‟ на истото место каде што неодамна беше исвиркан од претставниците на турското малцинство! „Демек, на исто место и со исто средство (народ) да му се аплаудира на шефот‟, иронизира неделникот. Упростено, „идеологијата‟ на Груевски е сега сведена на она – или ќе имаме дозвола за наместени избори или тешко вам!, завршува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG