Достапни линкови

Битола остана без последниот ѕвончар


Во Битола веќе нема кој да изработува ѕвонци за стока. Со ова пропадна уште еден занает во старата битолска чаршија. Остана само по некој саатчија, лимар, златар и чевлар. Јорганџиите, калајџиите, свеќарите и многу други знаети се збиршаа од лицето на чаршијата.

Молкнаа ѕвонците на последниот битолски ѕвончар. Деновиве од познатата битолска улица „Кај ѕвончарите“ се исели последниот ѕвончар Иван Илиевски, зашто занаетот подолго време не му фрлал пари. Седумдесет и три годишниот занаетчија со тага во срцето го испразни дуќанот од каде половина век го заработувал лебот. Ги собра наковалните, чеканите, непродадените ѕвонци и ги замандали старите ќепенци.

Јас сум во години, децата не го научија занаетот. Стоката по селата се намали, селата се иселија, нема потрошувачка. На кого ќе продаваме? Никој од министерствата, ни за економија, ни за локална самоуправа, не покажаа интерес да ни помогнат, да ни дадат некоја субвенција како на другите.
Иван Илиевски, занаетчија од Битола.

„Јас сум во години, децата не го научија занаетот. Стоката по селата се намали, селата се иселија, нема потрошувачка. На кого ќе продаваме? Никој од министерствата, ни за економија, ни за локална самоуправа, не покажаа интерес да ни помогнат, да ни дадат некоја субвенција како на другите“, вели ѕвончарот.

Цел работен век изработувал ѕвонци за стока.

„Најубавите спомени беа од 1970 до 1990 година. Бев единствениот ѕвончар во цела Југославија. Продавав дури во Црна Гора, Книн, Белград. Народот беше уште по селата, не беа раселени. Потоа се распадна Југославија, се затворија границите и се затвори и потрошувачката“, додава Илиевски.

Последниот удар, кој се покажа како најсмртоносен, беше увозот на ѕвонци од странски држави кои се подаваат по многу ниска цена, а со слаб квалитет.

„Сега нема материјали. Треба да купам табла, една е 1.200 денари. Од неа фира кога ќе излези, ќе дојде танте за кукурику. Кај нас е слободно сè да се увезе. Носат ѕвонци од Турција, Албанија, Грција. Не си го пазат пазарот. Работени се од чиста ламарина, стоката ќе ги поноси една година и ги фрлаат“, вели Илиевски.

Торбите со кои го напушти дуќанот тежеа од алати. Ни рече дека емотивно е врзан за нив и нема да ги продаде за старо железо.

„Вентилатор, наковални, чекани. Ќе ги чувам дома, ако сака некој да го продолжи занаетот, ако има волја нека дојди ќе му ги дадам“, рече ѕвончарот.

Со ова пропадна уште еден занает во старата битолска чаршија. Остана само по некој саатчија, лимар, златар и чевлар. Јорганџиите, калајџиите, свеќарите и многу други знаети се збиршаа од лицето на чаршијата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG