Достапни линкови

Неделен печат - Пуч и Специјално обвинителство


Република пишува дека Специјалното обвинителство ја одржува маглата околу нелегално прислушуваните разговори, а Глобус дека меѓународната заедница се концентрира на обезбедувањето нормални услови за работа на обвинителката Катица Јанева и нејзиниот тим.

Продолжува постпразничното препукување и на неделниците про и контра владините политики.

Засега е јасно дека притисокот на меѓународната заедница се концентрира врз две работи - на обезбедувањето нормални услови за работа на Катица Јанева и нејзиниот тим и на чекање „нормална оставка“ во првата половина на јануари на Никола Груевски и поставувањето нов премиер од редовите на неговата партија.
Глобус.

Република - Нова година со стари финти - Специјален сеф за ветер и магла

Во фокусот на вниманието на уредништвото на Република и понатаму е специјалната обвинителка Катица Јанева за која упорно тврди дека е на страната на опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев. Во најновиот број, неделникот се сосредоточува на остатокот од прислушуваните разговори и транскриптите од нив што Заев пред Нова година ги предаде во специјалното обвинителство, како што побара Јанева. „Нова година со стари финти - Специјален сеф за ветер и магла“ - е насловот што доминира на насловната, всушност наслов и на воведот во Република. Па во него пишува дека намерата Специјалното јавно обвинителство да ја одржува маглата околу нелегално прислушуваните разговори, кои беа и сè уште се во посед на Зоран Заев, е уште еден силен показател дека оваа, од многумина оспорувана институција сè уште немала намера да ја исполни основната цел на своето постоење - да ги штити интересите на државата и на граѓаните. Како доказ за оваа теза Република наведува дека Јанева не соопштила дали е направен записник на примените материјали, потоа дали Заев ги предал сите 600.000 прислушувани разговори колку што тврдел дека ги поседува и дали добила оригинални снимки или лидерот на опозицијата повторно делел копии. Република заклучува дека со молкот се зголемуваат сомневањата дека во специјалниот сеф нема ништо друго освен ветер и магла.

Глобус - Станува ли ʼПучʻ полека ʼБуќʻ?

„Станува ли ʼПучʻ полека ʼБуќʻ?“ прашува Глобус во анализата во која ги наведува фактите кои покажуваат дека власта со сите свои потези и постапки се надевала дека во јануари 2015 ќе ја збрише опозицијата, а една година подоцна таа стравува за својата судбина. Глобус наведува дека засега е јасно дека притисокот на меѓународната заедница се концентрира врз две работи - на обезбедувањето нормални услови за работа на Катица Јанева и нејзиниот тим и на чекање „нормална оставка“ во првата половина на јануари на Никола Груевски и поставувањето нов премиер од редовите на неговата партија. Фабрикуваниот „пуч“, пишува неделникот, се претвори технички во „харикири“ - „пуч“ сепак имаше како резултат на лошо менаџирање на самосоздадената криза во Владата јасно „буќ“ и деновиве тоа треба да продолжи да се потврдува, смета он-лајн неделникот Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG