Достапни линкови

Странските дестинации најпривлечни за Нова Година


Намален е интересот на оние луѓе кои ќе заминат во некоја од понудените дестинации за дочек на Новата година велат од некои туристичките агенции, од каде додаваат дека оние пак што се одлучиле да патуваат повеќе ги преферираат странските од домашните дестинации.

Европските градови и годинава се најбарани и најатрактивни за македонските граѓани за прослава на новогодишните празници. Од туристичките агенции велат дека за новогодишната ноќ најмногу патувања има за Будемпешта, Прага, Виена, Милано, Барселона, Атина. Цените со автобуски превоз се движат од 139 до 180 евра за две или три ноќевања во зависност од дестинацијата, додека аранжманите со авион чинат од 250 до 500 евра. Интересот кај граѓаните е традиционално поголем за европските отколку за домашните дестинации, велат од агенциите, но сепак во однос на минатите, оваа година помалку граѓани се одлучиле да прослават во некоја од европските градови.

Можеби ценовната политика на домашните сместувачки капацитети не ја мотивира домашната публика да остане во земјава и да ја дочека новогодишната ноќ во некоја од хотелските понуди на туристичките дестинации во Македонија.
Ана Крстевска, туристичка агенција „Савана.“

„Ако зборуваме за статистика, за број на реализирани пакет аранжмани, оваа година во споредба со минатите години можеме да заклучиме дека имаме намалување на интересот и на бројот на патници што годинава во пакет аранжман ќе заминат во некоја од понудените дестинации за дочек на новата година“, вели Ана Крстевска – продукт менаџер во туристичката агенција „Савана.“ Таа додава дека ефектите од економската криза и актуелните политички случувања од оваа година можеби влијаат врз намалување на бројот на патниците.

Во однос на домашните дестинации, Крстевска вели дека интересот е неспоредливо помал отколку за патување надвор од земјата.

„Можеби ценовната политика на домашните сместувачки капацитети не ја мотивира домашната публика да остане во земјава и да ја дочека новогодишната ноќ во некоја од хотелските понуди на туристичките дестинации во Македонија. Пакет аранжманите за некои од познатите туристичките дестинации, како Охрид Маврово, Крушево, Пелистер, Битола, имаат цени на пакети коишто се безмалку исти, па можеби и некогаш повисоки од цените за пакети за автобуски аранжмани за некоја европска дестинација“, вели Крстевска.

И од туристичките агенции „Игуана“ и од „Фибула травел“ велат дека европските дестинации како Будемпешта, Прага и Виена, Милано се најпосетени дестинации главно и поради најприфатливите цени.

Најголем дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека новогодишната ноќ ќе ја поминат дома, некои од нив поради немањето пари, други пак оти така им е најубаво.

РСЕ: Каде ќе ги поминете новогодишните празници?

„Дома, бидејќи такво е расположението.“

Дали е причина финансискиот аспект?

„Па не знам! Можеби и финансиски, а можеби и бидејќи секој веќе се затвара дома и малку страв и од ситуацијата општо во светот.“

РСЕ: Дали во некои други услови би размислувале да прославите во ресторан или да отидете на некое патување?

„Не! Финансиската ситуација не дозволува. Ние сме во година веќе кога децата одат, а ние остануваме дома“, вели жителка на Скопје.

Млада двојка пак вели: „Дома ќе прославиме, зошто не ни со оди никаде и дека нема пари. Нашите пари се накитени на дрвата и на сијаличките. Во друга ситуација одма би отишле во Барселона и во Париз со овие летови преку „Виз ер.“

Понудите за прослава на новогодишната ноќ во рестораните низ земјава се движат од 700 до над 3.000 денари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG