Во повеќе училишта во нашава држава каде образовниот процес се реализира на два или три јазици имаше и сè уште има проблеми, но тоа не се случува во Општина Центар Жупа. Во деветолетката „Мустафа Кемал Ататурк“ наставата се изведува на три јазици - македонски, турски и албански. Во управата, но и во училиштето во целина велат дека тријазичноста не е хендикеп, туку предност.
Задоволство е да се раководи во училиште каде наставата се спроведува на три јазици - македонски, турски и албански. Во училиштето учениците добро се дружат, комуницираат, шират пријателства, се почитуваат, разбираат и нема омраза.Музафер Сулајманоски, директор на ОУ Мустафа Кемал Ататурк во Центар Жупа.
Да се раководи со училиште каде учат заедно деца од различна етничка припадност е убавина, богатство и предност, вели директорот на училиштето Музафер Сулајманоски. Тој изразува и чудење за одредени негативни појави во мултиетничките училишта во некои градови од земјава во кои учат заедно деца од различни етникуми.
„Мислам дека е голема предност во образованието каде што наставата се спроведува на повеќе јазици. Задоволство е да се раководи во училиште каде наставата се спроведува на три јазици - македонски, турски и албански. Во училиштето учениците добро се дружат, комуницираат, шират пријателства, се почитуваат, разбираат и нема омраза. Тоа значи дека е добро за учениците да учат во мултиетнички училишта. Наставниот кадар исто така е од мешан етнички состав, така што и тие добро се дружат и соработуваат и во училиштето има одлична клима“, вели тој.
РСЕ: Како ги реализирате проектите, но и програмите на ниво на училиште?
„Проектите, и тоа сите, се реализираат на три јазици. Исто така на сите три јазици се спроведуваат сите програми и активности“, вели Сулајманоски.
И додека во нашава држава има училишта каде што има големи проблеми со преименување на училиштата и процесите на смена на имињата траат со години, во деветолетката во Центар Жупа, каде што турската етничка заедница е во мнозинство, промената на името се случи брзо и со согласност на сите.
„Ние немавме проблеми со промената на името. Сè одеше брзо во согласност со желбите и законот. Сите го прифатија новото име, од училишните структури, родителите, советот на општината и Министерството за образование. Така од Моша Пијаде, новото име е Мустафа Кемал Ататурк“, вели директорот.
Сепак, добрата атмосфера во училиштето тешко дека може да влијае и да го сопре рапидното опаѓање на бројот на учениците. Поради силната миграција на населението во западноевропските земји за само една декада бројот на учениците е преполовен од 700 на 350.