Достапни линкови

Неделен печат - медиуми и задолжување


Фокус продолжува да ја следи аферата фалсификувани лични карти, а пишува и за кастрење на административниот џин. Република го напаѓа Заев за неговата изјава дека некои медиуми му се најголемите непријатели, а Глобус за задолжување на Владата.

Глобус - нормално е владата ненормално да се задолжува

За „Ненормална нормалност“ пишува еден од колумнистите во најновото издание на он-лајн неделникот Глобус. Веројатно инспириран од најновото задолжување на Владата со продавање државни обврзници за да се исплатат пензиите, платите и социјалните давачки на граѓаните. И со не мала доза иронија вели дека нормално е владата ненормално да се задолжува во име на граѓаните, без да ги праша дали се согласни абнормално да ги задолжува и нив и нивните внуци.

нормално е владата ненормално да се задолжува во име на граѓаните, без да ги праша дали се согласни абнормално да ги задолжува и нив и нивните внуци.
Глобус.

Нормално е, иронизира авторот на колумната, опозицијата да биде виновна за ненормалното задолжување на граѓаните, бидејќи се противи на тоа и дека според „здрава“ дпмнеовска логика нормално е за неполни десетина дена граѓаните, се разбира, само за нивно добро, владата да ги задолжи за ненормални 350 милиони евра. А драматичното соопштение на министерството за финансии дека ако владата не се задолжи за дополнителните 100 милиони евра ќе немало пари за плати, пензии, социјални давачки, капитални објекти... е отворено признавање на владата дека граѓаните и државата ги довела до финансиски колапс, на праг на банкрот, потсетува авторот. Априлските избори ќе покажат дали граѓаните сакаат да продолжат да живеат во ненормална нормалност, порачува Глобус.

Република - Заев најголем непријател не ти се медиумите

Република остро го напаѓа лидерот на СДСМ, Зоран Заев за неговата изјава дека Сител, Канал 5, Алфа, Дневник и МРТ во моментот се најголемите политички непријатели на опозициската партија. Уводничарот во неделникот директно им се обраќа на Заев и на опозицијата повикувајќи ги барем еднаш да имале храброст да признаат пред македонскиот народ дека за реформите и демократизацијата на државата им било гајле колку за ланскиот снег и да престанеле да го понижуваат народот со недоделкани тези заплашувајќи го со вулгарни изјави, како што пишува. И, Република обвинува дека единствена цел им била да ја урнат владата и да се устоличат на власт „овие карикатури што ја водат опозицијата... и ако треба насила да се воведе целосна диктатура, буквално прекопирана од Северна Кореја“, тврди неделникот. Па му порачува на Заев дека „најголем политички непријател не ти се медиумите, господине Заев, туку Зоран Заев“.

Фокус - кастрење на административниот џин

Фокус, освен тоа што ексклузивно продолжува да ја следи аферата со лажните лични карти на граѓани со украден идентитет, во што учествувале и вработени во МВР на Гордана Јанкуловска, а наменети за избори, го разработува барањето на опозицијата за кастрење на административниот џин, како што пишува. И потсетува дека буџетот на Владата за 2006 година, што го проектираше СДСМ пред да ја загуби власта, изнесувал нешто над 3 милиони евра, а Кабинетот тогаш броел 225 вработени. За 2016 година, Владата на Груевски предвидува дури 24 милиони евра за Кабинетот во кој сега работат 683 вработени! За десетгодишниот период на „преродбата“ е зголемен и севкупниот државен апарат во разни агенции, дирекции, совети, бироа, инспекторати, управи..., наведува Фокус, и затоа опозицијата како дел од предизборната програма за априлските избори најавува реструктуирање на администрацијатаи намалување на бројот на министри и пратеници, чии кабинети претставуваат значителен буџетски товар, пишува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG