Достапни линкови

Неделници - Лажни лични карти и технички министри


Глобус ја анализира партиско-државна пропагандна кампања - Народе, ти одлучуваш!. Фокус ексклузивно открива тајна фабрика за фалсификувани лични документи. Република пишува за министрите од СДСМ.

Глобус - Народе ти одлучуваш

Колнењето и повикувањето на народот, што премиерот Груевски го прави во официјално почнатата кампања за договорените избори на 24 април догодина, е тема што ја опсервира колумната „Таленти“ во најновиот Глобус.

На партиско-државната врхушка по десет години ѝ текна дека во државата имало и народ.
Глобус.

Па авторот вели дека агресивната партиско-државна пропагандна кампања - Народе, ти одлучуваш! Ова е твоја земја - е веќе вообичаен обид за замајување и манипулации на народот. Но дека ќе се памети по тоа што владетелите пред народот, во кој се колнат, сами ја разоткриваат вистината за себе, за начинот на владеење. На партиско-државната врхушка по десет години ѝ текна дека во државата имало и народ... , а со кампањата посредно, но јасно, признава дека досега на граѓаните, на народот некој им „помагал“ да одлучуваат на избори... со црни вреќи, фалсификувани лични карти и пасоши, манипулации со волјата на граѓаните, со маката на „човечињата“... Инаку, кампањата - Народе, ти одлучуваш! - е типична потсвесна грешка со која нејзините автори несакајќи, ја кажуваат вистината и за себе и за кампањата, тврди авторот на колумната во Глобус. Потсвесното саморазоткривање на вистината, според Фројд, е феномен од психоанализата, а самопофалбите и кампањите, кои изминатите години станаа секојдневие, се појави со кои допрва сериозно ќе се занимаваат психијатрите, пишува Глобус.

Фокус - 30.000 лажни лични карти за победа на избори

Фокус ексклузивно открива тајна фабрика за фалсификувани лични документи во Шутка и во Штип: „30.000 лажни лични карти за победа на избори!“, оди со крупна најава на насловната неделникот, за текстот да го илустрира со фотографии на личен документ на некој граѓанин со дури шест лични карти, кој има три различни идентитети, но со различни адреси! Авторот на сторијата наведува дека биле изработени повеќе десетици илјади фалсификувани лични карти, најверојатно за изборни цели во минатите избори. Изворите на Фокус тврделе дека 30.000 лажни лични карти сè уште постојат и се соодветно складирани, а до редакцијата на неделникот доставиле 105 примероци, кои редакцијата уредно ги предала во МВР. Неделникот изразува уверување дека... поради тоа што и во „бомбите“ се споменуваат лажни лични карти, специјалното обвинителство бездруго ќе мора да отвори истрага.

Република - Технички министри со техничка грешка

„Технички министри со техничка грешка - Министерската пуч-пародија на СДСМ“ гласи насловот на анализата во најновата Република, во која опозиционите министри во МВР и во министерството за труд и социјала се обвинуваат за „партизација на институциите“. Па пишува дека „министрите на СДСМ монти-пајтоновски и трагикомично ги разотркија намерите на партијата и најавија страшна чистка и мегаломанска партизација ако победат некогаш во иднина. А Заев“ - прашува неделникот. Па подбивно одговара дека „тој се подготвува да стане министер, но не во април, туку уште на 12 март, појаснува Република, кога е познатиот Струмички карневал, кога Заев, кој досега беше Дракула, Самурај, Оган, Султан, ќе има шанса да биде и премиер...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG