Достапни линкови

Една деценија работа на Националниот ромски центар во Куманово


НЦР работи на издавање лични документи на Ромите, упис на новороденчиња, државјанство, пристап до образование, упис на деца во прво одделение, бесплатна правна помош, здравствена заштита...

Националниот ромски центар во Куманово, како граѓанско здружение, бележи еднодецениски успешен напредок не само за Ромите, туку и за останатите граѓани на својот град. Според претседателот Ашмет Елезовски, и во иднина ќе продолжат да работат Куманово да го врати својот некогашен напредок, оти зад себе има многу културно-историски и мултиетнички, економски вредности.

Во периодот 2005 – 2010 имаме издадено над илјада постапки за лични документи, над четири илјади деца беа запишани во основно образование, 2.500 лица добија правни совети, 580 жени добија документација со здравствени книшки, 120 предавања во повеќе градови во Македонија.
Катерина Шојиќ, Национален ромски центар.

„А и град познат со многу вредни и професионални луѓе кои се некаде и надвор од државата на видни позиции. Ако почнеме Куманово е првиот град кој даде и свои претставници во Европскиот парламент, во Советот на Европа, а имавме и претставници од нашиот град кои се едуцираа во европските институции. Кога се вратија тие помогнаа ние да креираме да бидеме глас на народот, да бидеме потранспарентни во комуникациите“, вели тој.

Катерина Шојиќ од Националниот ромски центар додаде дека е основан во 2005-та година, а тој посветува внимание на согледување на националните и локалните политики, имајќи ги предвид економските, социјалните, културните и граѓанските права на припадниците на ромската заедница и на сите оние кои се под социјален ризик и ранливост на територијата на Република Македонија. Здружението работи во поголемите градови во државава, а и на регионално ниво.

Приоритетите на здружението се менувале согласно приоритетите на целната група, така работено е на издавање лични документи на Ромите, упис на новороденчиња, државјанство, пристап до образование, упис на деца во прво одделение, бесплатна правна помош, здравствена заштита, здравствени книшки за жени, за вдомување на деца.

„Во периодот 2005 – 2010 имаме издадено над илјада постапки за лични документи, над четири илјади деца беа запишани во основно образование, 2.500 лица добија правни совети, 580 жени добија документација со здравствени книшки, 120 предавања во повеќе градови во Македонија во соработка со лекарите и институциите за секундарна и терцијарна здравствена заштита. Бевме од оние кои се застапуваа во 2008 година да се усвои Законот за правата на пациентите, лековите за астма да бидат на позитивна листа затоа што се скапи и затоа што граѓаните имаат потреба од нив. Бевме оние кои 2007-та година организираа и беа логистика на претставници на Европскиот парламент, за одржување на прва средба во законодавниот дом на РМ посветена на состојбата на Ромите во Македонија“, вели таа.

НЦР, според Шојиќ, по многу свои иницијативи е прво во нашата држава, но и по успешни резултати, кои се поттик за уште поуспешна работа во иднина. Затоа, Здружението има поддршка и од локалната самоуправа, но и од останатите претставници од граѓанскиот сектор.

Ромите во Куманово имаат свој претставник во општинскиот Совет, но и вработени во повеќе институции.

„Среќна сум што во Куманово има многу невладини ромски организации кои направија многу промени, се надевам дека и во иднина ќе продолжиме, а ќе има и нови организации бидејќи ромската заедница има многу проблеми“, рече претставничката на НВО „Даја“.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG