Достапни линкови

Што договорија партиите за изборите?


Партиите ги договорија изборните измени, но дали тоа ќе биде доволно да се обезбедат фер избори?! Клучна е политичката волја.

Измените во изборната регулатива што ги договорија четирите најголеми партии, потписнички на договорот од Пржино, не обезбедуваат доволна гаранција за слободни избори, велат дел од аналитичарите.

Изборниот законик ниту од далеку не е детска играчка, како што ја третираат, туку е нешто што ќе ни овозможи сериозна законска основа за да обезбедиме слободни избори, инаку тие ќе бидат тотално безпредметни.
Џабир Дерала, Цивил.

Партиите во работните групи договорија Државната изборна комисија да биде составена од девет члена и тоа тројца претставници на власта, тројца на опозицијата и тројца експерти што ќе се избираат во Собранието. ДИК ќе носи одлуки со апсолутно мнозинство.

Тие исто така договорија трите изборни единици во странство да станат една единица од која ќе се избираат тројца пратеници со пропорционален модел. За пратениците од дијаспората се воведува и изборен праг од 6.400 гласови, колку што се потребни и за пратеник во земјава.

Понатаму е договорено избирачкиот список да се прочистува со теренски проверки и со вкрстување на податоците од институциите. Избирачкиот список покрај личните податоци на гласачот ќе биде надополнет и со негова слика со која располага МВР од биметриските лични исправи.

Џабир Дерала од невладината Цивил, вели дека во изборнитот законик се уште има работи кои се недоречени. Освен тоа, додава Дерала, проблем претставува и политичката ситуација во земјата во која секојдневно се кршат политичките договори и со тоа целиот процес се прави проблематичен.

„Изборниот законик ниту од далеку не е детска играчка, како што ја третираат, туку е нешто што ќе ни овозможи сериозна законска основа за да обезбедиме слободни избори, инаку тие ќе бидат тотално безпредметни.“

Што се однесува до измените во ДИК, Дерала вели дека тоа делумно кореспондира со нивните барања за корените реформи во Комисијата, посебно во делот на членови експерти, но дека многу работи сепак остануваат.

„Да не зависи Државната изборна комисија од безволноста или од опструирањето на други институции. Исто така мора да се направи сериозна реформа и на другите тела во рамките на Државната изборна комисија, зборувам за општинската државна комисија и исто така избирачките одбори на гласачките места, понатаму во жалбената постапка, ние знаеме во каква состојба е судството, мора да се обезбедат повеќе гаранции од тие што ги обезбедува во моментот реформата.“

Цивил побара одложување на изборите закажани за во април барем за еден месец за да може, како што велат, да се надохнадат штетите направени од дел од учесните во преговарачкиот процес.

Аналитичарите многупати досега упатуваа дека треба да се постигне суштински договор за изборната релулативаза да се избегнат нерегуларностите кои беа нотирани изминативе неколку изборни циклуси. Тие велат и дека покрај регулативата, клучна е и политичката волја на партиите за одржување на фер и демократски избори.

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски за нашето радио пред неколку денови рече дека сите забелешките за изборите кои ги нотираат меѓунардните заедници досега не можат да се надминат со новиот документ за изборните правила.

„Ќе реши одредени проблеми, но не и сите. Прво во однос на заплашувањето на гласачите, изборниот законик нема да донесе ништо ново, за тоа треба да се направи една општа клима за да нема заплашувања на граѓаните. Второ, во поглед на мешањето на државата и партиите може делумно да се ублажат некои последици, но сепак тоа ќе зависи и од самите партии и од нивното однесување во целиот овој период од кога ќе се усогласат“, вели Новаковски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG