Достапни линкови

Изборното законодавство ќе се договара во „пет до 12“


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Во СДСМ брифираат дека вчерашните интензивни средби биле прекинати откако, како што тврдат, претставниците од ВМРО-ДПМНЕ побарале пауза од два часа по која не се вратиле.

Утре ќе биде клучниот ден за постигнување договор за изборните правила, откако стана јасно дека денеска нема да има средба на претставниците во работната група. Како што информираше претседателот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција, партиските претставници биле известени дека за денеска белгискиот експерт не ги свикува на состанок.

Денеска сме петти, утре е шести и очигледно ќе биде пак во пет до дванаесет. Прво, бегање од договорот нема и тој треба да се спроведе во целост. Тоа што се случува во преговорите повеќе е купување на време, заобиколување, барање паузи, отворање повторно на веќе затворени работи, сè со конечна цел да се купи повеќе време од нашиот политички противник.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Денеска сме петти, утре е шести и очигледно ќе биде пак во пет до дванаесет. Прво, бегање од договорот нема и тој треба да се спроведе во целост. Тоа што се случува во преговорите повеќе е купување на време, заобиколување, барање паузи, отворање повторно на веќе затворени работи, сè со конечна цел да се купи повеќе време од нашиот политички противник. Секако дека договор за изборното законодавство на шести мора да се постигне и од тоа бегање нема. Жалам што во последни моменти токму тоа ќе се случува, како што беше и со специјалниот јавен обвинител“, рече Заев, кој додаде дека најверојатно утре ќе имале конкретно решение на маса за кое ќе донеле одлука.

Претходно, извори од опозицијата запознаени со работата на работната група брифираа дека вчерашните интензивни средби биле прекинати откако, како што тврдат, претставниците од ВМРО-ДПМНЕ побарале пауза од два часа по која не се вратиле. Со реченицата „мал, до никаков напредок“ истите извори ја објаснуваат состојбата во која сега се наоѓаат разговорите за изборното законодавство.

Решенијата ќе ги имаме во соодветен момент и ќе бидат согласно она што е договорено од 15 јули во Пржино. Сè уште немаме одлуки за кадровски решенија.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Имено, најспорни засега остануваат гласањето на дијаспората, начинот на прочистување на избирачкиот список и одлучувањето по приговорите на одлуките на Државната изборна комисија која, пак, како што се брифира, речиси е договорено да има зголемени ингеренции, зајакнати експертски капацитети, а да биде составен од тројца претставници на власта, тројца на опозицијата и тројца експерти. Тие, пак, би се пријавувале на отворен конкурс и не би требало да бидат претходно партиски истакнати личности, ниту јавни поддржувачи на партиски политики, туку професионалци.

Во однос на гласањето на дијаспората, опозицијата вели дека тие треба да гласаат, но за да се изедначи вредноста на гласот, потребен бил цензус, па предлагаат тројцата пратеници од дијаспората да бидат избрани доколку за нив гласаат 85-90 отсто од просечниот број гласачи со кои се избира пратеник во земјава. СДСМ воедно предлага по изборите на 24 април да се формира и Министерство за дијаспора, кое, како што велат, било и барање на организациите на иселениците. Од опозицијата сметаат дека треба да се зголеми и бројот на жени на кандидатски листи и квотата да биде 40 отсто.

Следниот рок кој е предвиден во договорот од Пржино е 20 октомври за избор на двајцата министри и тројцата заменици по предлог на СДСМ и двајцата заменици по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

„Решенијата ќе ги имаме во соодветен момент и ќе бидат согласно она што е договорено од 15 јули во Пржино. Сè уште немаме одлуки за кадровски решенија“, рече Заев.

Инаку, тој денеска ја промовираше Визијата за Македонија, проект со кој тие ќе одржуваат трибини во повеќето градови низ земјава на кои граѓаните ќе ги кажеле своите идеи, а таму каде што во мнозинството ќе се пресретнеле во иста точка, тие мерки ќе биле дел од програмата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG