Достапни линкови

Градежните работи на Собранието ќе завршат до 2017


Буџетскиот совет му даде поддршка на буџетот на Собранието за 2016 година кој ќе изнесува околу 11 милиони евра. Околу 3 милиони евра треба да се потрошат на мебел, опрема и градежни работи.

Буџетот на Собранието за 2016 година, кој доби поддршка од Буџетскиот совет, е за 19 милиони денари поголем од буџетот за минатата година и изнесува 686 милиони денари, односно околу 11 милиони евра. За капитални инвестиции, како мебел, опрема и градежни работи ќе се потрошат околу три милиони евра. Опозицијата на седницата на Буџетскиот совет во Собранието се интересираше дали обезбедените средства кореспондираат со побараните пари и ќе обезбедат нормално функционирање на Собранието и дали сите обврски Собранието редовно ги подмирува.

Како Собрание, нашето буџетско барање е главно запазено односно, е сервисирано според нашите потреби.
Жарко Денковски, генерален секретар на Собранието.

„Околу средствата наменети за изградба на собраниската зграда, дали со овие предвидени средства се завршува проектот за реновирања и доградба на собраниската зграда и дали овие парични средства се доволни и дали редовно се подмируваат“, прашаа од опозицијата.

Генералниот секретар на Собранието Жарко Денковски рече дека, според проценките на Комисијата за финансиско работење, толкави се проценките на трошоците на собранието и нема проблеми со ликвидноста. Според него, градежните работи на собраниската зграда целосно ќе завршат во 2017 година.

Имаше ситуации кога реагиравме на собранискиот канал да не одат содржини од собранието туку се случува да одат и реклами од владата или други содржини кои не се директно поврзани со собранието.
Марјанчо Николов, СДСМ.

„Како Собрание, нашето буџетско барање е главно запазено односно, е сервисирано според нашите потреби“, рече тој.

Засега опозицијата има поднесено еден амандман за буџетот на Собранието кој се однесува на зголемување на привремените вработувања за асистенти во пратеничката група на опозицијата. На седницата на Буџетскиот совет беше усвоен амандман со кој ќе се побара пренасочување на пари од буџетот во висина од 2,5 милиони денари за привремените вработувања во пратеничката група на опозицијата.

Предлог буџетот за 2016 во собраниска процедура треба да влезе на 13 овој месец. Дотогаш се очекува да се дефинира работата на собранискиот канал. Според Рафиз Алити од ДУИ, кој е претседател на буџетскиот совет, собранискиот канал треба да биде во служба на пратениците, а не треба на него да се пуштаат владини реклами, како што посочи опозицијата.

„Имаше ситуации кога реагиравме на собранискиот канал да не одат содржини од собранието туку се случува да одат и реклами од владата или други содржини кои не се директно поврзани со собранието“, изјави Марјанчо Николов од СДСМ.

Минатата година за Собранискиот канал од буџетот биле издвоени 2 милиони денари, а сега се предвидени 1 милион денари.

Според генералниот секретар на Собранието, Македонија е лидер во регионот според бројот на отворени канцеларии на пратениците во внатрешноста. Во Србија се отворени 27 канцеларии, а кај нас 75. Опозицијата побара евиденција во кои градови нема канцеларии. Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека проблеми со обезбедување канцеларии има во три општини, Центар, Куманово и во Струмица.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG