Жителите на кумановското Режановце кои претендираат нивното село да стане позната туристичка дестинација како и Вевчани, постојано се соочуваат со проблеми, кои пак ги надминуваат со протести и блокади. Иако со маки, тие сепак ја постигнуваат својата цел, меѓутоа револтирани се зошто надлежните и во Општината Куманово и во државава, како што велат, не ги есапат за ништо. Сепак, тие не се предаваат.
Оставени сме на себе. Единствено село кое е оштетено од градежните работи на пругата Коридор 8, бидејќи само низ нашето село поминува пругата. Куќите се распукаа и фасадите. Никој нема да дојде, ниту од Владата, од Министерството за транспорт и врски и од заштита на животна средина, овде се загадува цело лето.Зоран Крстевски, претседател на Месната заедница во Режановце.
„Оставени сме на себе. Единствено село кое е оштетено од градежните работи на пругата Коридор 8, бидејќи само низ нашето село поминува пругата. Куќите се распукаа и фасадите. Никој нема да дојде, ниту од Владата, од Министерството за транспорт и врски и од заштита на животна средина, овде се загадува цело лето. Нешто ако е срушено треба да се направи, а не едно правиме друго растураме. Не сакаме да го користат нашиот пат. Не знам дали ние сме луѓе или не, не знаеме веќе каде да се обратиме“, вели Зоран Крстевски, претседател на Месната заедница во Режановце, кој појаснува дека со изградбата на пругата и блокадите од жителите успеале да се приклучат на канализација, но во исто време, пак, селскиот асфалт и мостот се многу оштетени.
Секое возило што ќе влезе нема да излезе, ќе го одземеме. Уште на 17-ти август ни ветија дека мостот ќе го направат. Срамота е ова.Зоран Крстевски, претседател на Месната заедница во Режановце.
„Сето што го имаме во селото сами сме го направиле, со месен придонес, асфалтот, ветеринарен пункт, училиште. Сè сами собираме пари и сами купуваме и цевки за канал. Катастрофа, ако не нè слушаат, нема да ги пуштаме камионите да поминуваат нека си одат по државно земјиште“, вели Крстевски.
Тој вели дека доколку во најскоро време не го направат мостот, а од германската фирма „Вибе“ која работи на изградба на пругата не потпишат валиден договор за поправка на оштетениот пат, тие ќе ги известат сите надлежни во државава и нема да пуштаат возила.
„Секое возило што ќе влезе нема да излезе, ќе го одземеме. Уште на 17-ти август ни ветија дека мостот ќе го направат. Срамота е ова“, вели тој.
Жител на Режановце додава дека пред изградба на пругата имало само ветувања.
„Се случија големи последици со преминот на каналот кај пругата, требаше шахти да се направат. Сега имаме провалии, може некој да настрада. Пет месеци само ветувања, состаноци се одржуваат, месната заедница ја лажат, а оштетени се и куќите и патиштата“, се жали жителот.
Мештаните од Режановце, село на 3-4 километри од Куманово е едно од ретките од кое нема миграција село-град, кое и младите луѓе не го напуштаат, имаат лековити извори, реновираната црква „Свети Јован Опсечен“, етнолошки музеј каков што можеби нема во државава, поради што речиси секојдневно има домашни и странски посетители. Режановце е атрактивна туристичка дестинација, а сето она што го поседува е благодарение на слогата и добрата организација на населението, кое сè постигнува со протести и блокади. Жителите сакаат да се надеваат дека и оваа битка ќе ја добијат, иако не така лесно.