Достапни линкови

САД загрижени од руското воено присуство во Сирија


САД загрижени од руското воено присуство во Сирија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

САД загрижени од руското воено присуство во Сирија

Знаците за зголемување на руските воени сили во Сирија предизвикаа американска загриженост и го покренаа прашањето дали Москва планира да се вмеша во тамошниот конфликт. Кремљ демантира такво нешто, оставајќи ја можноста да се вклучи во коалицијата против милитантите на Исламската држава.

Официјална Москва ја отфрла загриженоста на Соединетите држави од руското воено присуство во Сирија, наведувајќи дека воената помош за претседателот Башар ал Асад не е ништо невообичаено.

Во текот на изминатиот викенд американскиот државен секретар Џон Кери во телефонски разговор со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја изразил загриженоста за извештаите за заголемено руско воено присуство во Сирија.

Според Кери, ваквите постапки можат дополнително да ги интензивираат судирите, да го зголемат бројот на бегалци и да доведат до судири со коалицијата против милитантите на Исламската држава која веќе дејствува во Сирија.

„Русија никогаш не го криела фактот дека испраќа воена опрема за сириските власти во нивната борба против тероризмот“, изјави портпаролот на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Американските медиуми јавуваат дека Русија испратила војници и презела низа други акции со цел да го зацврсти военото присуство во Сирија.

Русија никогаш не го криела фактот дека испраќа воена опрема за сириските власти во нивната борба против тероризмот.
Марија Захарова, портпарол на руското министерство за надворешни работи

Во исто време, пратеникот во руската Дума Дмитри Гудков изјави дека испратил писмо до министерот за одбрана Сергеј Шојгу за тоа дали руските војници се борат во Сирија и дали притоа имало жртви.

Тој додаде дека добивал пораки од граѓаните загрижени од таквата можност.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека било рано да се зборува за воен ангажман на Русија во борбите против милитантите на Исламската држава во Сирија.

Сепак тој исто така потсети дека Москва одамна им продавала оружје на сириските власти.

Деновиве повеќе руски блогери преку интернет пишуваат дека имало слики за присуство на руски војници во Сирија.

Дел од аналитичарите во Москва оценуваат дека ваквото маневрирање може да биде дел од планот за испраќање сили во Сирија за да се борат против милитантите на Исламската држава во надеж дека тоа ќе ги поправи врските на Русија со Западот.

Но тие предупредуваат дека Путин тешко ќе може да им ја продаде таа идеја на Соединетите држави.

Исто така, според нив, може да дојде до катастрофални последици доколку Москва се реши сама да покрене воена акција.

Пред неколку месеци Москва излезе со мировен план за Сирија кој предвидуваше ангажирање на сили на сириската влада и на Иран во борбата против милитантите.

Некои руски експерти се сомневаат дека Русија еднострано ќе дејствува, бидејќи како што велат Сирија било проблем на Западот, а Москва немала намера тоа да го плати со руски животи.

Сепак, како што вели Алексеј Малашенко, руски експерт за Блискиот Исток, исто така тешко може да се предвиди како Путин ќе постапи ако Вашингтон ја одбие неговата понуда за заедничка акција против исламските милитанти. „Путин е непредвидлив, и многу емотивен“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG