Сириските бунтовници, по над четири години војна и со над 250 илјади загинати, скептично гледаат на тоа дека Соединетите држави и сојузниците ќе им ја дадат неопходната поддршка за да го симнат од власт претседателот Башар ал Асад.
Некои се претпазливи и во врска со надежите дека планот ќе им помогне во нивната борба против милитантите на Исламската држава.
Соединетите држави долго време бараа помош од Турција во борбата против ИД, но и откако помошта беше обезбедена таа откри сплет на различни интереси во регионот.
„Има ветување за воздушна поддршка за борците на теренот, но ние сме уморни од ваквите ветувања“, вели Мустафа Биру, лидер на проминентна бунтовничка група во провинцијата Алепо.
Меѓународно, одлуката на Турција и Соединетите држави заеднички да работат за да ги истераат исламистите од граничниот појас во должина од шеесет милји беше поздравена како важно зближување на сојузниците кои долго време имаа несогласувања во пристапот за решавање на граѓанската војна во Сирија.
Има ветување за воздушна поддршка за борците на теренот, но ние сме уморни од ваквите ветувања.Мустафа Биру, лидер на бунтовничка група во провинцијата Алепо.
Турција смета дека соборувањето на Асад е приоритети не сака директно вклучување во борбата против милитантите на Исламската држава.
Соединетите држави пак, избегнуваа да интервенираат во граѓанската војна меѓу бунтовниците и владата на Асад се додека милитантите на Исламската држава не го искористија хаосот за да освојат големи територии во Сирија и Ирак.
Сега дојде на ред главното прашање: „Кој ќе се бори на копно?“.
Американците веќе испратија шест авиони од типот Ф16 и 300 војници во базата Инџирлик откако Анкара реши да влезе во борбата против ИД.
Во меѓувреме, турски и американски разузнавачи разговарале со сириски бунтовници за начините на кои може да им се помогне.
Сепак успехот на планот, најверојатно, ќе зависи од способноста на САД и Турција да ги зближат бунтовничките сили во истерувањето на џихадистите од граничната област.
Во Сирија постои сложен мозаик на над десетина групи кои следат различни идеологии, од сириски националисти до членови на Ал Каеда.
Овие групи сега држат комплекс на фронтални линии и против ИД и против силите на сирискиот режим.
Многу од групите во Алепо се решени повеќе да се борат против Башар ал Асад, отколку против милитантите на Исламската држава.
Пентагон почна програма за помош и обука на дел од умерените сириски бунтовници, но досега овие напори се без поголем ефект.
„Овој проект не е сериозен. Не можете да обучувате мала група луѓе кои немаат никаков контакт со другите групи на теренот“, вели Башам Хаџ Мустафа, политички претставник на бунтовниците во Алепо.