Достапни линкови

Во Русија се уништува храна шверцувана од Запад


Во Русија се уништува храна шверцувана од Запад
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Во Русија се уништува храна шверцувана од Запад

Руските власти почнале да уништуваат тони сирење, овошје и зеленчук. Во минатата недела претседателот Владимир Путин потпиша декрет за уништување на целата храна која се шверцува во земјата од Запад. Стартот на овој контроверзен потег предизвика незадоволството во руската јавност.

Руската телевизија прикажа како се уништуваат девет тони сирење во регионот Белгород на границата со Украина.

Властите соопштија дека сирењето било донесено од Украина во необележани кутии, но оти тоа главно било произведено во Европската унија.

Уништувањето на забранета храна увезена од западот предизвика бес во земјата каде што расте сиромаштијата.

Како и да е, властите се решени да го прават тоа, образложувајќи го со „безбедносни закани“.

На состанокот на владата кон крајот на јули рускиот претседател Владимир Путин изрази незадоволство околу тоа што забранети продукти од западните земји се уште биле увезувани во Русија.

Москва во минатата година воведе ембарго за увоз на храна од Запад како одговор на западните санкции што беа воведени по руската анексија на Крим и за поддршката на проруските сепаратисти во источна Украина.

Ќе биде подобро да ја искористат како хуманитарна помош, да ја соберат и да ја испратат на оние кои имаат потреба од храна.
граѓанин на Москва

Повеќето Руси оценуваат дека владата со најновиот потег го предвиде секојдневието со кое се соочуваат обичните граѓани.

„Верувам дека е можно да се најде подобра употреба за храната, од тоа да биде изгорена“, вели Александар од Москва.

Со него се согласува и Рустам. „Ќе биде подобро да ја искористат како хуманитарна помош, да ја соберат и да ја испратат на оние кои имаат потреба од храна“.

Но, има и такви кои се согласуваат со владината акција.

„Можеби е подобро тие да ја уништат храната. Многу од надвор ни испраќаат расипана храна. Никој не знае од каде доаѓа. Видов на телевизија. Тоа е замрзната храна и може да биде некаква провокација“, вели Олег од Москва.

Екатерина, исто така од Москва, пак додава: „Мислам дека луѓето би требало да бидат патриоти. Мислам дека храната треба да биде домашна. Можеме да произведуваме многу храна“, вели таа.

Можеби е подобро тие да ја уништат храната. Многу од надвор ни испраќаат расипана храна. Никој не знае од каде доаѓа. Видов на телевизија. Тоа е замрзната храна и може да биде некаква провокација.
граѓанин на Москва

Над 267 илјади граѓани ја поддржаа онлајн петицијата со која бараат од претседателот Путин да ја повлече одлуката за уништување на храната и таа да им ја даде на оние на кои им е потребна.

„Санкциите доведоа до голем раст на цените на храната во руските продавници. Руските пензионери, ветерани, големи семејства и други се принудени да кратат од исхраната, некои и да гладуваат. Ако производите се добри зошто да се уништуваат“, се наведува во петицијата.

Годишната стапка на инфлација на цените на храна во Русија изнесува над 20 проценти.

Екатерина Шулман, професор на Руската Претседателска Академија за национална економија и јавна администрација вели дека во руската култура фрлањето храна се смета за табу.

„Секој човек кој израснал и кој живее во рускиот културен контекст разбира дека постои забрана, постои табу во нашиот културен код со кој се забранува фрлање храна“.

Руското ембарго опфаќа увоз на свинско и говедско месо, живина, риба и морска храна, млеко и млечни производи, овошје, зеленчук и ореви. Тоа важи и за храната од САД, ЕУ, Канада, Австралија и Норвешка.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG