Се укинува обврската за возење со светла во текот на денот. Ваквата информација одекна во јавноста, откако претходно меѓу главните теми беа владините одлуки за укинување на плаќањето на пензиско и здравствено за хонорарците, намалување на казните за фирмите во повеќе области или пак минималното поевтинување на струјата.
Правниот систем бара донесување издржани закони, закони што ќе траат подолго време, бара претходно проучување на општествените состојби.Темелко Ристевски, универзитетски професор.
Според аналитичарите има два збора кои се зад ваквите потези-доаѓаат избори. Но паралелно со укинувањето на законите за кои и претходно групи граѓани изразуваа несогласувања но владата не ги стопираше се отвора и прашањето што може сега да се случува до најавените избори во април. Ваквите чекори од аспект на правната сигурност на граѓаните не се добри, оценува професорот Темелко Ристевски.
„Правниот систем бара донесување издржани закони, закони што ќе траат подолго време, бара претходно проучување на општествените состојби, нормативниот систем па потоа да се донесе закон за тој да биде траен, а не закони за постигнување на популистичките цели , менување на законите. Тоа остава впечаток дека имаме еден правен систем имаме една нормативна регулатива што не е сигурна“, вели Ристевски.
По социјалните мрежи пак веќе почнаа забелешки за попустливоста на владата во периодов, па почна да се бара и укинување на обврската за продавање алкохол до 21 часот, легализација на марихуаната и поништување на редица други закони кои се сметаат за непогодни. Според професорот Арсим Синани следејќи го досегашното однесување на владата, до изборите во април можно е како што вели да се донесат или укинат уште многу закони само за да им се удоволи на гласачите.
„Од една козметичка влада вие може да очекувате козметички одлуки и да одобри се што би посакале граѓаните за да ги придобие за изборите. Јас не очекувам нешто да се смени туку само да се оди на тоа да се придобие нешто и ако се гледа во таа смисла може да очекуваме да се носат одлуки кои можат да бидат смешни за една стабилна демократија“, вели Синани.
Инаку предлог законот за безбедност во сообраќајот во кој е предвидено укинувањата на светлата ќе биде на расправа на комисијата за одбрана и безбедност на 24 месецов, а оној со кој се укинуваа давачките за хонорарците веќе помина и стапи во сила од први август.