Во последно време не сум баш активен на Твитер (од гледна точка на споделување твитови), колку што го користам за да пратам информации во однос на здравјето и на човековите права. Сето тоа, со добро јако кафе и понекогаш читање многу правничка терминологија која не ми е блиска. Неодамна го заследив Центарот за граѓански и политички права, бидејќи ја спомнуваше Македонија во неколку наврати во однос на прашања кои на некои не им се баш така омилени.
Сведоци сме на неколкугодишно бомбардирање со пари од граѓаните на кампања со која се осудуваат жените кои направиле абортус, правото на избор се ограничува и преку којашто кампања абортусот се претставува како небезбедна медицинска интервенција, со последици по здравјето на жената и на крај како убиство.
Комитет за човекови права работи во рамките на Обединетите нации и претставува тело одговорно за следење на состојбата со човековите права во светот. Се состои од експерти кои се грижат за спроведување на меѓународниот пакт за граѓански и политички права во рамките на Обединетите нации.
Меѓународниот пакт претставува меѓународен договор чии земји-потписнички (меѓу кои и Македонија) се обврзани да преземат низа активности, за да овозможат уживање и гаранција на граѓанските и на политичките права.
Македонија како потписничка периодично известува за состојбата со граѓанските и политичките права. Процесот на известување се состои од посебни извештаи на државата, извештаи на телата за заштита на човековите права, како Народниот правобранител, агенциите на Обединетите нации и на граѓанскиот сектор, околу имплементацијата на пактот и на препораките дадени од старана на Комитетот во однос на имплементирање на пактот. Сите посебни извештаи се интегрираат во еден, врз основа на кој Комитетот ја оценува состојбата со човековите права во Македонија и дава препораки за подобрување.
Што ѝ кажа Комитетот на Македонија?
Сведоци сме на неколкугодишно бомбардирање со пари од граѓаните (до 2013 година - 180 милиони денари), нели, на кампања со која се осудуваат жените кои направиле абортус, правото на избор се ограничува и преку којашто кампања абортусот се претставува како небезбедна медицинска интервенција, со последици по здравјето на жената и на крај како убиство.
Во Македонија, иако се протестираше против новиот закон за абортус, иако медицинските лица посочуваа дека треба да се прекине со кампањата, сепак новиот закон (бидејќи стариот закон беше само стар, па се „модернизира“) донесе новитети кои не се во согласност со Светската здравствена организација. Во Македонија, до 10-та недела од бременоста жената може слободно да одлучи да ја прекине бременоста, но мора да помине низ неколку етапи на администрација.
- писмено да се обрати до докторот кој треба да изврши прекинување на бременоста.
- задолжително добива советување од докторот.
- жената дава писмена изјава за согласност за прифаќање за спроведување на интервенцијата.
Во земја без сеопфатно сексуално образование и ниту едно контрацептивно средство на позитивната листа лекови, со закон за прекин на бременоста кој дискриминира и стигматизира, може да се очекува само зголемување на стапката на нелегални и небезбедни абортуси кои секако не „обезбедуваат највисок можен стандард на здравје“.
- задолжително чекање од три дена.
По 10-та недела од бременоста, администрацијата е на друго повисоко ниво.
Жената поднесува барање до првостепена комисија, формирана од страна на директорот на болницата која, пак, разгледува и донесува одлука на барањето на жената за абортус, кое доколку не се одобри, односно е одбиено, жената може да поднесе приговор на решението до второстепената комисија која ја формира министерот за здравство која повторно одлучува дали на жената да ѝ се дозволи прекин на бременоста.
Евидентирани се случаи кога жени со мртов плод биле оставени да чекаат три дена. Закон е закон нели, не е важно што сè може да се случи во овие три дена по основ на здравјето и на животот на жената. Важно, три дена треба да поминат - жената да размисли повторно, бидејќи претходно не размислила за одлуката, па да доразмисли.
Да се вратам на Комитетот. Тој бара од Република Македонија, во заклучните согледувања кон третиот периодичен извештај: „да избегнува спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, за отстранување на сите пречки кои можат да придонесат жените да бараат нелегални абортуси кои ќе ги изложат на ризик нивните животи и здравје“.
Во стратегијата за безбедно мајчинство се вели дека: „Обезбедувањето највисок можен стандард на здравје е основно човеково право“. Највисок можен стандард на здравје не е можен без почитување и унапредување на човековите права, во случајов - правото на жената за слободен избор за прекин на бременоста.
Членовите на Комитетот за човекови права во Женева, за време на дијалогот, неколкупати ја прашаа Македонија за кампањата и за тоа како ограничувањата од новиот закон се во согласност со стандардите на Светската здравствена организација, за стравот кај лекарите од големите казни, на што еден од одговорите на делегацијата бил дека новиот закон е ист со стариот закон. А факт е дека не е. Затоа и се протестираше.
Во земја без сеопфатно сексуално образование и ниту едно контрацептивно средство на позитивната листа лекови, со закон за прекин на бременоста кој дискриминира и стигматизира, може да се очекува само зголемување на стапката на нелегални и небезбедни абортуси кои секако не „обезбедуваат највисок можен стандард на здравје“.
Препораките на Комитетот се премногу важни, исто како и здравјето на жената, токму затоа Министерството за здравство треба да го ревидира законот, да се донесе нов, не по итна постапка, туку после консултативен процес, во согласност со препораките на Светската здравствена организација и човековите права.
Имаш право на избор. Толку.