Достапни линкови

Горко: Шекспир е совршена школа за секој актер


Со дури 16 ликови во драмите на Вилијам Шекспир во својата дводецениска професионална кариера, актерот на битолскиот театар Петар Горко е еден од ретките дури и во глобални рамки кој толку многу се бавел со делото на светскиот класик. Тој е носител и на една од насловните улоги во големата трагедија „Антоние и Клеопатра“, која по прв пат е преведена на македонски јазик, и со чија премиера во режија на Американецот Џон Блондел започна третото издание на Интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“.

По „Ромео и Јулија“ некаде на почетокот од нивните професионални кариери, Петар Горко и Валентина Грамосли, во годината кога ги одбележуваат двете децении на театарската сцена, наново ќе застанат еден до друг во едно капитално дело на класикот Вилијам Шекспир. Овојпат во трагедијата „Антоние и Клеопатра“ што за отворање на третото издание на Интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“ ја режираше Џон Блондел.

Антоние за мене е еден товар кој во две вреќи ја збрал цела римска империја и која пропаѓа и умира заради една жена – Клеопатра. Немаме таква империја и не сакав да се занимавам со деловите од светот како големини, со величините како Обама, Путин или кинескиот претседател...Едноставно гледав од човечки ракурс што би значел еден Антоние денес, како би се однесувал и мислам дека исто би постапил и јас кога би бил вистинскиот император.
Петар Горко, актер.

Делото по прв пат е преведено на македонски јазик за што онака како што само тој знае и умее се погрижи професор Драги Михајловски, а американскиот режисер кој Битолскиот театар со неговата поставка на „Хенри Шести“ го одведе најнапред во славниот лондонски „Глоуб“ и потем на пат околу светот, забележува дека во случајов „стокмиле претстава која го покажува опојното влијание на моќта и копнежот, како и сеизмичките промени кои се појавуваат во поголемиот дел од цивилизираното општество кон залезот на последниот милениум пред новата ера“.

„Антоние за мене е еден товар кој во две вреќи ја збрал цела римска империја и која пропаѓа и умира заради една жена – Клеопатра. Немаме таква империја и не сакав да се занимавам со деловите од светот како големини, со величините како Обама, Путин или кинескиот претседател...Едноставно гледав од човечки ракурс што би значел еден Антоние денес, како би се однесувал и мислам дека исто би постапил и јас кога би бил вистинскиот император. Не би се двоумел околу одбирот. И за мене како човек љубовта победува на крај. Макар било тоа и во смртта. Дури и во рајот да се најдеме, да ни се најдат душите и тоа би било идеалното место за живеење“, вели Горко.

Се чувствувам благородно во смисла на тоа дека ја имав таа среќа да работам на 14 дела, две претстави ми се по два пати играни – тоа се „Хамлет“ и „Ромео и Јулија“ во различни поставки, значи вкупно 16 драми и тоа е едно огромно искуство кое му го пожелувам на секој актер, посебно на младите, затоа што таа школа е совршената школа за секој актер.
Петар Горко, актер.

Иако потсетува дека неговата професија изискува секогаш да се почнува од нула, „како ништо да не знаеш и улогата да ја третираш како новороденче кое најнапред треба да прооди, да проговори и потем да го разберат сите“, сепак актерот знае да каже дека искуството со големи режисери со кои што го работел Шекспир му овозможило да го гледа и толкува овој автор на најразлични начини. Притоа потенцира дека во тоа најмногу му помогнал самиот „Глоуб ту Глоуб фестивал“ кој што го потврдил она што тие го имале како чувство. Дека Шекспир секогаш и секаде, во било кое време или во било која земја, е актуелен и секогаш кај него можат да се пронајдат вистинските нешта кои што во секој актер знаат да пробудат емоции, разни спомени и делови од неговиот живот кои што можат да се внесат во самата претстава.

„Се чувствувам благородно во смисла на тоа дека ја имав таа среќа да работам на 14 дела, две претстави ми се по два пати играни – тоа се „Хамлет“ и „Ромео и Јулија“ во различни поставки, значи вкупно 16 драми и тоа е едно огромно искуство кое му го пожелувам на секој актер, посебно на младите, затоа што таа школа е совршената школа за секој актер. И во однос на емоцијата, и во однос на пласирање на текстот, на совршен говор ...на кој на пример Англичаните премногу инсистираат. Меѓутоа сето тоа треба да е во границите на она што е кај нас, овде и сега за да може да биде ефективно и актуелно и за да може публиката да ја следи приказната.“

Како припадник на средната генерација актери на Битолскиот театар, Петар Горко забележува дека имал среќа досега да изигра многу од пожелуваните улоги и дека веќе престанал да размислува за тоа. Вели дека секогаш пристапува кон сè што му е доделено максимално професионално и дека се обидува да го засака било кој лик што ќе го добие независно од тоа дали станува збор за главна или мала, споредна улога. Убеден е дека ако тој му се допадне пред него се отвора можноста едноставно да биде брилијантен.

„За во иднина немам некакви идеали. Повеќе би се насочил барем еднаш нешто да одиграм на филм па да покажам што знам и умеам таму. Од таа страна она што ќе остане е за вечност затоа што нашава театарска уметност е ефемерна. Ја има сега и овде и толку. Се спушта завесата. Значи како желба ја имам единствено само онаа да заиграм на филм. Во театар ќе продолжам да го работам она што го работам најпосветено што можам.“

И, кон ова само уште информацијата дека актерот Петар Горко деновиве, на манифестацијата „Современи дијалози“ што се одржа во Битола, доби годишна награда за истакнати личности кои директно придонесуваат за развојот на литературата и културата на национално ниво.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG