Достапни линкови

Петтиот јубилеен „Д Фестивал“ - Регионален Вудсток


Ману Чао.
Ману Чао.

Повеќе од 30 изведувачи на три сцени, музичари и бендови како МАНУ ЧАО ЛА ВЕНТУРА, Кирил Џајковски со ТК Вондер, ФОЛТИН, БЕД КОПИ, ЉУБОЈНА, ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ, ФУЛИШ ГРИН, ПМГ КОЛЕКТИВ, БЛА БЛА БЛА ќе земат учество на петтиот јубилеен „Д ФЕСТИВАЛ“, што од 17 до 19 јули ќе се одржи во Дојран. Организатори на овој голем субкултурен настан на кој се очекува и бројна публика од соседните Бугарија и Грција се „Пасворд продукција“ кои најавуваат низа дополнителни активности во кампот – почнувајќи од фестивалско кино, изложби, дебати, перформанси, поезија, спорт...

Програмата крцка. Дојран крие чуда. Езерото е најполно. Сонцето сука ракави. Сè е спремно и сè е најубаво!

Наша основна мотивација како Пасворд продукција е пред сè да ја живнеме таа културно-уметничка понуда во југоисточниот регион на Македонија.
Владимир Лазороски, Пасворд продукција.

Ова во летокот за петтиот јубилеен Д ФЕСТИВАЛ со право ќе го запишат потписниците на случувањето, кое во деновите од претстојниот продолжен викенд, е планирано да се одржи во Дојран. И на него, во трите дена и три ноќи, на трите сцени, со нагласена љубопитност и кревет повеќе за сместување, се очекуваат настапите на револуционерот Ману Чао и неговите ЛА ВЕНТУРА, Кирил Џајковски со ТК Вондер, ФОЛТИН, БЕД КОПИ, ЉУБОЈНА, ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ, ФУЛИШ ГРИН, ПМГ КОЛЕКТИВ, БЛА БЛА БЛА, солунчаните БАИЛДЦА, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ, ДРАМ ЕН- БРАС ТРИО, НОВИОТ ПОЧЕТОК.

Фолтин.
Фолтин.

„Наша основна мотивација како Пасворд продукција е пред сè да ја живнеме таа културно-уметничка понуда во југоисточниот регион на Македонија. Во годиниве наназад почнавме со еднодневни концерти, сега одиме со тридневен фестивал, со фестивалски камп, со еден куп случувања во оф-програмата и со надеж дека таа одлична географска позиција на Дојран, тоа тромеѓе меѓу Македонија, Грција и Бугарија во близина, да ја искористиме што од логистички, што од туристички аспект. Да го развиеме во иднина Д ФЕСТИВАЛ во еден сериозен регионален фестивал којшто ќе привлекува гости, не само од нашава земја, туку од целата оваа балканска зона“, вели Владимир Лазороски.

Тоа што нè иритира и нас и претпоставувам сите свесни, сите урбани луѓе во Македонија го артикулиравме делумно како хумор, а делумно како сериозна порака дека треба малку да се оладат главите. А, за такво нешто нема ништо подобро од тридневен фестивал со комплетна програма.
Владимир Лазороски, Пасворд продукција.

Тој дополнува дека дека фестивалскиот камп е сместен во прекрасниот парк на влезот на Стар Дојран и дека е идеална локација „присутните да ги спуштат фестивалските сидра“. Истакнува дека е оддалечен само пет минути пеш од главната сцена, дека таму ќе биде сместен вториот стејџ на кој во периодот од 12 до 18 часот ќе се сменуваат многу бендови, дека ќе има спортски натпревари и зона за граѓанска акција, во рамките на која е планирано да се претстават најактивните здруженија кои делуваат на повеќе општествени полиња.

На забелешката дека со објавата за „свој камп во времето на политичките кампови и главноградски партиски трла тие како да артикулираа одредена општествена порака, Лазороски знае да каже дека нивната реакција била предизвикана од сознанието дека всушност „целата нација е под силен, страшен притисок и дека во таквата тензична ера едноставно сакале да нотираат дека немаат своја позиција“.

„Тоа што нè иритира и нас и претпоставувам сите свесни, сите урбани луѓе во Македонија го артикулиравме делумно како хумор, а делумно како сериозна порака дека треба малку да се оладат главите. А, за такво нешто нема ништо подобро од тридневен фестивал со комплетна програма. Би рекол дека нашиот потег беше всушност повик за акцентирање на совеста и една силна потреба за поинаква ментална релаксација“, вели тој.

Инаку, со нагласено внимание и желба за акција се очекува концертот на Ману Чао со кого македонската публика повеќе од една деценија, по историскиот концерт на 3 јуни 2002 година на скопско „Лизгалиште“, негува „уникатна сплотеност и љубов“.

Хозе Мануел Томас Артур Чао Ортега, за кого од „Пасворд продукција“ велат дека „и официјално станува најпознатата личност која стапнала во Дојран после славниот Благој Истатов“, на Д ФЕСТИВАЛ ќе настапи в недела, на финалната вечер. Тој, придружуван од своите ЛА ВЕНТУРА која во оваа пригода ќе биде зајакната и со дувачки инструменти, се очекува со невидена и само нему својствена енергија на присутните да им ги дари сопствените химни како што се „Clandestino“, „Rainin’ In Paradize“, „Mi Vida“, „Politik Kills“ или „Mala Vida“, вклучува и бројни изненадувања, необјавени песни и обработки на класиците на легенди како што е Боб Марли.

Револуционерно продорен и подеднакво мирољубив, познат по својот општествен активизам и незадржливите стихови, Ману Чао е еден од највлијателните музичари во новата историја, подеднакво почитуван ширум планетата со концерти на пет континенти! Францускиот уметник и активист со шпанско потекло, својот карактеристичен звук го градеше преку разни панк влијанија како што се КЛЕШ, ЏЕМ, Д-Р ФИЛГУД. Неговите песни се карактеризираат со бескомпромисни стихови, поради што е признаен како глас на слободарските генерации и свесните луѓе кои не го прифаќаат диктатот на глобалната политика и сè поголемото отуѓување во современиот свет. Ману, како ниеден друг музичар на светот, ги обединува панк ставот, лиричноста на шансоните, ритмиката на салсата, егалитаризмот на регето и еуфоријата на ска музиката, што на неговите песни им дава посебен шарм, близок до публиката на сите меридијани.

И уште малку библиографски податоци. Тој пее дури на седум јазици, а темите во неговите песни носат силни политички пораки. Пее за имиграцијата, за љубовта, за обесправените и за животот во гето, за слободата на мислењето и за суровоста на животот воопшто.

Ману Чао во Македонија доаѓа по настапите на Егзит и на уште неколку фестивали во регионот. Интересно е да се спомене дека тој во минатата година одржа низа перформанси на големите светски случувања како што се „Роскилде“ и „Вудсток“, а во пресрет на европската турнеја имаше и неколку стадионски настапи во Аргентина и во Колумбија.

„Има некоја магија во музиката на Ману Чао којашто некако како да се калибрира со нашиот балкански дух. Конкретно ние овде во Македонија го доживуваме како да прави музика токму за нас и за ова што нам ни се случува и согласни сме дека тој негов повик за правда како да одговара на нашиов табиет“, заклучува Лазороски.

Тој во името на организаторот уверува дека тие од своја страна ќе сторат сè продукциски фестивалот да биде на светско ниво и гарантира дека Ману Чао и сите бендови и артисти од 17 до 19 јули „ќе го превртат Дојран наопаку“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG