Белата куќа разгледувала испраќање на околу илјада до илјада и петстотини тренери и советници за да им помагаат на ирачките сили.
За таа цел, американската администрација планира изградба на нова воена база во ирачката провинција Анбар, каде што главно оперираат милитантите на Исламската држава.
Овој потег доаѓа во време кога се вжештуваат критиките против Обама кој, како што се наведува, не успеал да ги спречи милитантите на Исламската држава и натаму да освојуваат територии.
Последните победи на Исламската држава во ирачкиот град Рамади и во Палмира во Сирија ја ставија на тапет стратегијата на Обама која во борбата против милитантите се заснова врз американски воздушни напади и ирачки копнени сили.
„Тоа е неуспех на раководството“, вели Рик Пери кој неодамна се декларира за претседателски кандидат на Републиканската партија.
„Ако бев врховен командант не ќе ми требаа девет месеци да работам со нашите генерали за да развијам комплетна стратегија за уништување на милитантите на Исламската држава“, рече тој.
Ако бев врховен командант не ќе ми требаа девет месеци да работам со нашите генерали за да развијам комплетна стратегија за уништување на милитантите на Исламската држава.Рик Пери, кандидат за претседател на републиканците
Како одговор на растечката критика и на апелите за помош од Ирак, Пентагон подготви планови за зголемување на сегашната мисија.
„Мислиме дека е подобро ако обучиме повеќе ирачки сили“, вели портпаролот на Пентагон полковник Стивен Ворен, оценувајќи дека ваквата стратегија дава добри резултати.
Сегашната американска мисија во Ирак има околу 3 илјади советници и тренери.
Новата мисија главно ќе биде насочена кон сунитски доброволци кои сакаат да е борат против џихадистите.
Ирачката сунитска исламска заедница се уште не е доволно вклучена во борбите против милитантите на Исламската држава кои практикуваат радикална форма на сунитски ислам.
„Сите земји од меѓународната заедница се подготвени дополнително да ги обучуваат ирачките безбедносни сили“, изјави Обама на маргините на самитот на Г7 во Германија.
Досега сојузниците имаат спроведено обука на околу 9 илјади ирачки војници, додека во моментов се спроведува обука за уште 2 илјади и шестотини војници.
Американските тренери се разместени во Самара, северно од Багдад на линијата на фронтот што ја држат курдските пешмерга борци.
Дел од ирачките сили кои ја завршиле обуката се подготвуваат за контра напад со цел повторна заземање на западниот град Рамади кој падна во рацете на милитантите на Исламската држава на 17 мај.