Достапни линкови

Секој ден нов сомнеж за акцијата во Куманово


Јавното обвинителство спроведува истрага и не споделува детали за случајот „Диво насеље“. Кабинетот на претседателот упатува на соопштени на Агенцијата на разузнавање од пред некој ден. Познавачите велат дека многу работи се нејасни околу случајот и додаваат дека не е првпат државата да се однесува на ваков најасен начин и да предизвикува сомнеж.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведува опсежна истражна постапка за неодамнешните случувања при полициската акција во Куманово. Надлежните обвинители се должни да го земат предвид секој доказ за кој сметаат дека може да биде корисен за ефикасно и ефективно завршување на истрагата, велат од Основното јавното обвинителство, откако точно еден месец по акцијата во Куманово не стивнуваат сомнежите во јавноста.

Со оглед на чувствителноста и обемноста на настанот за кој се спроведува истрага, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција​ не може да сподели повеќе детали.
Основно јавно обвинителство.

„Со оглед на чувствителноста и обемноста на настанот за кој се спроведува истрага, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција​ не може да сподели повеќе детали”, одговараат од таму на прашањето дали досега се побарани некои од објавените спорни материјали како доказ во постапката.

Од Кабинетот на претседателот, под чии ингеренеции е Агенцијата за разузнавање, денеска на прашањето поврзано со вчера објавената снимка, упатуваат на Агенцијата која, како што велат, имаше соопштение објавено на први месецов. Во него тогаш се наведуваше дека ќе поднесат кривична пријава поради објавување идентитет и фотографии на нејзин вработен.

Замислете, меѓу нашите институции имаше дилема, бидејќи тие самите не биле информирани за акцијата. Секогаш кога се градат некои непотребни тајни односи меѓу партнерите, меѓу носителите на власта во самата држава се отвораат таквите дилеми.
Назми Малиќи, универзитетски професор и поранешен заменик министер за одбрана.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР по извршените проверки соопшти дека акцијата на полицијата во кумановската Дива Населба била извршена според утврден план, а преземените дејства биле основани, оправдани и правилни. Според соопштението, приведувањето на лицата во акцијата било согласно законските норми. Во случајот со бегството на еден од приведените Секторот констатирал непрофесионалност кај полициските службеници кои го чувале и најавија покренување дисциплински постапки.

Според поранешниот шеф на военото разузнавање Владимир Пивоваров различните гласини за тоа кој стои и која е целта на случувањата во Куманово се појавиле поради некои претходно нерасјаснети ситуации.

„Почнаа да излегуваат многу изјави од лица кои учествувале и тоа треба да се испита пред сѐ од косовска страна, потоа изјавите поврзани со разговор во БМВ седумка како што беше најавено, одржани состаноци во Урошевац меѓу наши агенти и нивните структури. Значи сето тоа кое што нема јасна виделина што се случувало предизвикува сомнеж дека нешто не е во ред“, вели Пиворавов.

Поранешниот заменик министер за одбрана Назми Малиќи, пак, вели дека кумановскиот не е прв случајот во кој, како што нагласува, државата се однесувала на ваков нејасен начин, со кој се поттикнуваат сомнежи. Малиќи во тој контекст ги споменува случаите Сопот, Монструм, Раштански лозја, Бродец.

„Ова што се случи со полициската акција во Куманово го покажа непрофесионалниот однос, нетранспаретниот однос кон состојбата и не беа користени механизмите за договарање со институциите на системот. Замислете, меѓу нашите институции имаше дилема, бидејќи тие самите не биле информирани за акцијата. Секогаш кога се градат некои непотребни тајни односи меѓу партнерите, меѓу носителите на власта во самата држава се отвораат таквите дилеми“, вели Малиќи.

Косовската телевизија Дукаѓини вчера објави дека веќе убиените во инцидентот во кумановската Дива Населба Бег Ризај и Мирсад Ндрецај имале силни врски со еден агент од Агенцијата за разузнавање на Македонија. Двајцата лидери на кумановската група познати по прекарите командант НАТО и командат Бегу, наводно, снимиле и разговор со агентот кој вчера го емитуваше медиумот.

Како што се пренесува, разговорот се одвивал неколку недели откако Ризај и Ндрецај го нападнале граничниот пункт во планинското село Гошинце, а потоа поради интервенцијата на македонската полиција се сомневале дека се издадени од македонскиот агент.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG