Достапни линкови

Сенатот не постигна договор за Патриотскиот закон


Нема договор за Патриотскиот закон
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Сенатот не постига договор за Патриотскиот закон

На американските антитеростички мерки со кои на тајните служби им се дозволува да собираат телефонски разговори и податоци им истече важноста откако Сенатот не успеа да постигне договор. Клучните одредби, познати како Патриотски закон, истекоа на полноќ по вашингтонско време.

Законот кој претходно беше усвоен во Претставничкиот дом не мина и на вчерашната седница на Сенатот откако сенаторот Ренд Пол, кој е републикански кандидат за американски претседател во 2016 година, се спротивстави и најави дека ќе го блокира.

Белата куќа ова го оцени како неодговорен пропуст од страна на Сенатот.

„За работа која е толку важна за нашата национална безбедност, секој сенатор треба да ги остави настрана партиските мотиви и да дејствува брзо. Американскиот народ не заслужува ништо помалку“, се наведува во изјавата на Белата куќа.

Непостигнувањето договор значи дека Националната безбедносна агенција привремено ќе го загуби правото да собира телефонски податоци при следењето осомничени за тероризам.

За работа која е толку важна за нашата национална безбедност, секој сенатор треба да ги остави настрана партиските мотиви и да дејствува брзо. Американскиот народ не заслужува ништо помалку.
соопштение од Белата куќа.

Оваа агенција, како што јавуваат медиумите, веќе соопштила дека почнала да ги исклучува серверите за собирање на телефонски разговори и други податоци.

Патриотскиот акт беше донесен по терористичките напади врз Соединетите држави на 11 септември 2001 година.

Освен овој, истекуваат уште три други програми што ги спроведуваат американските шпионски агенции и безбедносни служби.

Сепак, постои можност за евентуално продолжување на програмата за собирање телефонски податоциво друга форма.

Имено, Сенатот веќе се изјасни дека треба да се направат реформи во законот, наречен Фридом акт, или Закон за слобода.

Со него се предвидува поголема контрола врз прислушувањето, но конечното гласање за овој закон во Сенатот нема да се случи до крајот на неделава.

Експертите велат дека прекинот од неколку денови на ваквата разузнавачка активност ќе има мал непосреден ефект.

Имено, на американската влада и е дозволено да продолжи да собира информации во врска со истрагите за надворешно разузнавање кои се започнати пред да истече крајниот рок.

Обама силно го поддржува Законот за слобода кој на 18 мај беше усвоен во Претставничкиот дом.

Откако Сенатот го одложи, Белата куќа издаде соопштение во кое ги повика Сенатот да „ја остави настрана пристрасната мотивации и да дејствува брзо“.

Со Законот за слобода евиденцијата на телефонските снимки ќе ја прават телекомуникациските компании, а не владата, а Националната агенција ќе треба да добие одобрение од судот за да има пристап до специфични податоци.

Ниту сегашниот, а ниту предложениот нов систем не и дава на владата пристап до содржината на телефонски разговори.

Многу групи за граѓански слободи сметаат дека Законот за слобода недоволно ја заштитува приватноста.

Освен тоа Комисијата што ја формира претседателот Обама во 2013 година заклучи дека собирањето телефонски податоци не било од суштинско значење за спречување на какви било терористички напади.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG