Прво има криза, политичка или безбедносна, сеедно, па потоа преговори, меѓусебни, неуспешни, со посредство на странците, дали успешни или неуспешни, останува да се види. Ова се случува во Македонија децении наназад. И сега. Сега се преговара во Стразбур.
Притисокот за решение расте, маневарскиот простор се намалува - Се навестуваат и специјални претставници од ЕУ и САД.Утрински весник.
„Притисокот за решение расте, маневарскиот простор се намалува - Се навестуваат и специјални претставници од ЕУ и САД“ - гласи насловот на информацијата на Утрински од Стразбур.
Слободен печат описно насловува: „Брисел најавува 'кампови' и покрај зелената маса“.
Десетчасовна средба во Стразбур - Нема поместување на дијалогот, се чека лидерската во вторник.Дневник.
Дневник бележи: „Десетчасовна средба во Стразбур - Нема поместување на дијалогот, се чека лидерската во вторник“. А пред тоа - се случија митинзите, или протестите, или како ли веќе беа крстени.
„Опозициски митинг за оставка на Груевски - повеќе десетици илјади граѓани од цела Македонија дојдоа пред Владата барајќи нејзина оставка“, напиша Утрински.
„Масовно и на митингот на ВМРО-ДПМНЕ - Груевски најави дека се отворени за дијалог, но дека нема да дозволат решението за излез од кризата да биде спротивно на изборната волја на граѓаните“- наслови истиот весник. А потоа - „Инвазија на шатори и контра-шатори - паралелни кампови пред Владата и Собранието за смена и за поддршка на власта“ - информира пак Утрински.
Вечер не престанува да ја обработува темата за случувањата во Куманово, па еден наслов во весникот гласи: „Косово знаело за терористите и за нападите уште пред Гошинце, ниедна информација не била споделена со македонските служби“.
Нова Македонија оди пошироко: „Колку е реална идејата за нов балкански сојуз - српскиот претседател Николиќ неодамна даде идеја со сојуз меѓу Македонија, Црна Гора, Србија и Грција да се контрира на идејата за голема Албанија. Аналитичарите со различни мислења“.
Од изјавата на првиот руски дипломат, Лавров, Дневник го вади ставот дека „Се заговара федерализација па дури и делба на Македонија“.
Утрински и Вечер, пак, одат со мислењето на Русинот дека „Случувањата во Македонија се контролирани од надвор“.
Вечер пишува дека Али Ахмети изразува загриженост од реакциите што доаѓаат од Москва во врска со случувањата во Македонија.
Сите печатени медиуми ја објавија изјавата на албанскиот премиер Рама дека Македонија ќе биде примена во НАТО откако ќе го спроведела Охридскиот договор. Дневник гледа на оваа изјава како на „нова уцена за Македонија“.
И во меѓувреме, Утрински објави податоци од Државниот завод за статистика дека „Во Македонија, сиромашните живеат со 89 евра месечно, а богатите со 1.156 евра“. Аферим!