Достапни линкови

Ќе се реновираат училишта во Куманово


Објектите на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Бајрам Шабани“ од Куманово ќе се реновираат со поддршка од УСАИД и локалната власт.

Во рамките на проектот за мултиетничко образование основните училишта „Браќа Миладиновци“ на македонски и „Бајрам Шабани“ на албански јазик со поддршка од УСАИД и локалната самоуправа на Куманово, одобрен е грант од по 30 илјади долари за реновирање на објектите.

Учениците дишат на отворени врати, а не на отворени прозорци, оти тие се заковани и секој момент можат да се срушат. И санитарните јазли се во катастрофална состојба.
Марина Манојловска, директорка на „Браќа Миладиновци“ од Куманово.

Според директорката Марина Манојловска со доделување на средствата од УСАИД и партиципација од локалната самоуправа со десет отсто од грантот ќе се реновира реонското училиште кај Соколанскиот парк. Овој стар училишен објект децении се користи за настава во нижите одделенија на двете централни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“.

Марина Манојловска.
Марина Манојловска.

„Бројката на ученици во двете училишта е околу 500, а наставата се одвива во услови каде што столаријата е оштетена. Учениците дишат на отворени врати,а не на отворени прозорци, оти тие се заковани и секој момент можат да се срушат. И санитарните јазли се во катастрофална состојба.“

Со „Бајрам Шабани“ покажавме дека можеме да живееме заедно, дека различностите не не делат, напротив можат да не спојат.
Марина Манојловска.

Гзим Рушити директор на Основното училиште „Барјам Шабани“ вели дека во ова училиште настава посетуваат околу илјада и 400 основци, а со донацијата за сега е планирано да се обнови фасада и евентуално училишниот влез.

Се очекува до крајот на учебната година да бидат завршени сите неопходни подготовки и да се започне со градежните активности.

„Се надеваме дека ќе успееме целокупната надворешна столарија да ја замениме и санитарните јазли да ги реновираме“, вели Манојловска и додава дека двете централни училишта користат уште еден стар објект во центарот на градот, во кој е неопходно што поскоро да се реконструира покривот и канализацијата.

Инаку, преку повеќе работилници во изминатите две ипол години соработката помеѓу учениците, професорите, советот на родители,службите директорите било забележано дека етничките разлики можат да спојуваат, не да ги разделуваат луѓето во Куманово, како мултиетничка средина.

„Со „Бајрам Шабани“ покажавме дека можеме да живееме заедно, дека различностите не не делат, напротив можат да не спојат, само треба да си дадеме можност малку повеќе да се запознаеме, да ги запознаеме нашите традиции и култури, за да не предизвикуваат одбивност, туку да не зближуваат повеќе“, вели Манојловска.

Локалната самоуправа во чија надлежност се 23 училишта до сега со свои средства учествувала во реконструкција на централната училишна зграда . Од надлежните во државава според Манојловска во Куманово единствено е изградена спортска сала во ОУ „Магдалена Антова“ во населбата Карпош.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG