Достапни линкови

Ретко кој купува стан во Охрид


Во Охрид има доволно голема понуда на станови, меѓутоа сериозен проблем е побарувачката, велат од агенциите за недвижности.

Намалувањето на цените на државните станови во Охрид од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на 599 евра по метар квадратен, нема да значи намалување и на цените на становите кои ги градат приватните фирми, велат од Агенциите за недвижнини во градот.

Куповната моќ на населението е ужасна, има голема невработеност. Таргет групи кои можат да купат стан во Охрид се иселениците од дијаспората, странци и луѓе од Скопје кои имаат сериозни бизниси, меѓутоа тие се сè помалку.
Александар Трајкоски, Агенција за недвижности Енхелеја.

„Пазарот во Охрид е централно градско подрачје и тоа ја диктира целата цена и вкупната слика за цените. Сметам дека Охрид има доволно голема понуда на станови, меѓутоа сериозен проблем е побарувачката. Куповната моќ на населението е ужасна, има голема невработеност. Таргет групи кои можат да купат стан во Охрид се иселениците од дијаспората, странци и луѓе од Скопје кои имаат сериозни бизниси, меѓутоа тие се сè помалку“, вели Александар Трајкоски од агенцијата Енхелеја.

Цветко Грозданов директор на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор го смета спротивното. Тој вели дека целта на намалување на цените е да им се даде шанса на сите граѓани во Охрид да имаат кров над главата, затоа што како најголема туристичка дестинација не би требало да има такви граѓани.

Сметам дека и другите компании ќе го следат трендот на нашето акционерско друштво и ќе ги намалат становите за да се постигне една реална цена.
Цветко Грозданов, Јавното претпријатие за станбен и деловен простор.

„Целта на акционерското друштво е да претставува на некој начин регулатор на цената или некој вид барометар на движењето на градежната цена во Охрид и Македонија. Сметам дека и другите компании ќе го следат трендот на нашето акционерско друштво и ќе ги намалат становите за да се постигне една реална цена“, вели Грозданов.

Грозданов вели дека во Охрид нормално е да има и луксузно опремени станови и станови кои би чинеле над 1.500 и 2.000 евра по метар квадратен

Во Охрид во моментот има 40 станови кои се од комерцијален карактер.

Трајкоски пак вели дека продажбата и побарувачката на станови била драстично намалена.

„Во 2009 година пред влезот во НАТО летото имав продадено 14 станови, а 2014 година имам продадено вкупно 4 во текот на цела година. Ние сме на работ на рентабилност и не можеме да ги платиме трошоците“, вели Трајкоски.

XS
SM
MD
LG