Еврото во изминативе денови повторно забележа пад во однос на доларот. Европската валута го имаше својот единаесетти минимум наспроти доларот. Европската централна банка потоа соопшти дека од денеска ќе почне со програма за купување на обврзници на земјите членки во вредност од 1,1 билион евра.
Бидејќи нашиот денар е врзан за еврото, тоа значи дека како што еврото девалвира во однос на доларот и другите конвертибилни валути, така и денарот девалвира и ќе има поттикнувачко дејство на извозот во доларското подрачје, значи надвор од ЕУ.Љубе Трпески, поранешен гувернер на НБРМ.
Поранешниот гувернер на Народна банка Љубе Трпески вели дека со мерките кои што ги презема Европската централна банка за народски кажано печатење на пари за разрешување на одредени финансиски проблеми и со тоа што држателите на еврото во Европа и светот ја губат довербата во валутата и притоа настојуваат да се ослободат од неа, еврото девалвира.
„Бидејќи нашиот денар е врзан за еврото, тоа значи дека како што еврото девалвира во однос на доларот и другите конвертибилни валути, така и денарот девалвира и ќе има поттикнувачко дејство на извозот во доларското подрачје, значи надвор од ЕУ. Оние претпријатија извезуваат надвор од ЕУ и наплатуваат во долари, тие ќе бидат стимулирано што повеќе да извезуваат“, вели Трпески.
Владата и Народната банка треба да го имаат тоа предвид и да се согледа, доколку има поголеми последици, да се преземат соодветни мерки.Слободан Најдовски, економски аналитичар.
Економскиот аналитичар Слободна Најдовски вели дека имајќи предвид оти денарот е врзан со вредноста на еврото, тоа нема да има посебен одраз во соработките со земјите од еврозоната. Но, според него, оние стопански субјекти кои вршат увоз и извоз со земји кои го користат доларот како платежно средство ќе го почувствуваат падот на еврото на пазарот. Тоа, како што вели Најдовски, ќе има влијание и на цената на нафтата и нафтените деривати, бидејќи цените на тие производи на берзата се во долари.
„Одредени наши производи, кога е во прашање увозната компонента на материјали и суровини коишто се пресметуваат во долари, ќе ја поскапат домашното производство, така што во секој случај треба да се направат одредени пресметки и да се види кои се тие субјекти. Владата и Народната банка треба да го имаат тоа предвид и да се согледа, доколку има поголеми последици, да се преземат соодветни мерки“, вели Најдовски.
Трпески додава дека падот на еврото во однос на доларот неутрално ќе влијае врз македонската економија поради фиксниот курс во однос на денарот.
„Најголемиот дел од нашата трговија е врзан со ЕУ, а поради фиксниот однос на денарот со еврото, тоа неутрално влијае“, вели Трпески.
Еврото на берзите ја има најниската вредност во однос на доларот од септември 2003 година.