Оваа книга потекнува од моите два вкрстени интереси кои доколку ги немаше, немаше да го има и овој производ што излезе.
Доколку ја земете книгата во рака ќе видите дека од А страната е мојот авторски труд, а од Б зборникот со текстови. На тој начин не само содржински туку и формално се заокружи една убава целина.Вангел Ноневски, автор.
Прво и основно е што ваков вид на музика, музика создавана по пат на диџеј-миксување ме интересира одамна. Следам таков вид на „грамофонски посредувана музика“ уште од почетокот на 1990-те години и тој интерес трае до денес, нормално збогатен со некои други видови на музика кои што ме заинтересираа со текот на времето.
Вториот услов без кој ова дело немаше да постои се моите студии по филозофија. Поконкретно мојот интерес за современа естетика од кај што ги исцрпев сите теориски основи потребни за да можеше да се направи такво вкрстување помеѓу грамофонски проследуваната музика и на современата филозофија и современата естетика којашто им даде на тие мои интереси некакво заокружување во вид на теориска рамка која што се обидува да го објасни потеклото, културните предвесници, историјатот и сè она што е поврзано со постоењето токму на грамофонски посредуваната музика.
Грамофонот како метаинструмент подразбира дека грамофонот не е инструмент во класичната смисла на зборот, односно дека не може да компонира музика туку само да ја пресоздава. Односно да манипулира со музика создавана на обични, класични, традиционални инструменти. Затоа тој не може да биде инструмент туку метаинструмент.Вангел Ноневски, автор.
Вака Вангел Ноневски ќе ја започне приказната за настанокот на неговата објава „Грамофонот како метаинструмент – од механичка репродукција до ремикс култура“ што како издание на „Аксиома“ беше публикувано неодамна. Се работи за уникатно четиво, во кое во една книга се споени авторски труд и зборник од текстови, кои ја анализираат сторијата за грамофонот кој од пасивно средство за механичка репродукција на музика, израсна во активен инструмент наменет за манипулација на звуци произведени на други музички инструменти.
Говорејќи за структурата и начинот на презентација на трудот, авторот појаснува дека тие потекнуваат од неговата промисла дека неговиот авторски труд нема да биде доволен да ги опфати сите феномени и проблеми што се битни и што се поврзани со грамофонот како метаинструмент, па затоа се решил во една книга да бидат спакувани две книги.
„Од едната страна е авторскиот труд кој патем ги проследува техничките предуслови потребни за појавата на диџеј миксувањето (снимањето на музиката, појавата на грамофоните и аудио миксетите), неговите културни предвесници (дадаизмот, Марсел Дишан, Вилијам С. Бароуз, уметноста на редимејдот, Енди Ворхол), како и разновидните техники на миксување и скречување, а од другата зборникот текстови, интервјуа (со истакнатите диџеи Kool Herc, Grandmixer D.ST, Rob Swift и најпрочуениот истражувач и историчар на хип хопот, Дејвид Топ), некои листи на најбитни плочи, историски осврти итн. На тој начин книгата не само што доби некој вид на поткрепа којашто ја нема во авторскиот дел, туку може да се рече дека и концептуално се надгради добивајќи две страни, како и секоја грамофонска плоча. Па така, доколку ја земете книгата во рака ќе видите дека од А страната е мојот авторски труд, а од Б зборникот со текстови. На тој начин не само содржински туку и формално се заокружи една убава целина“, вели авторот.
Ноневски дополнува дека најбитната порака којашто произлегува од оваа книга е веројатно тоа дека се осврнува на оној период од историјата на современата музика каде што музиката веќе не се креира во онаа традиционална смисла на зборот „компонирање“ туку почнува да се „составува“.
Вели дека диџеј-миксувањето кое започнало во почетокот и средината од седумдесетите години на минатиот век претставува токму тоа – делови од веќе постоечки дела и нивно комбинирање во нови целини. Всушност, она што денес се подразбира сè уште под концептот диџеј-микс и она што подоцна го воспостави трендот на т.н „ремиксување“. Потенцира дека тоа е главната поента на делото која, пак, е содржана и во насловот на книгата.
„Грамофонот како метаинструмент подразбира дека грамофонот не е инструмент во класичната смисла на зборот, односно дека не може да компонира музика туку само да ја пресоздава. Односно да манипулира со музика создавана на обични, класични, традиционални инструменти. Затоа тој не може да биде инструмент туку метаинструмент“, вели Ноневски.
Видно задоволен од одгласот во јавноста (уште на промоцијата се продале над 30-тина примерока), авторот ќе рече дека книгата пред сè им е наменета на помладите генерации. На оние кои што се интересираат за овој тип на музика и ги посетуваат настаните каде што гостуваат странски и домашни диџеи, на тие коишто се интересираат од каде потекнува сето тоа, кои се културните предвесници, како тоа настанало, зошто се случило и сето она што е поврзано со музика која што е создадена по пат на семплување на веќе постоечки музики.
Не ги исклучува ниту академските кругови кои можеби ќе се заинтересираат како сега станува се повлијателен концептот на ремикс културата и интерактивните уметности и како музиката придонела сето тоа да биде толку актуелно денес.
Роден 1977 година во Белград, Вангел Ноневски дипломирал во 2001 година на тема од областа на филозофијата на културата. Магистрирал пет години подоцна бавејќи се со естетиката на рециклирањето, а докторирал во 2012 понирајќи во областа на естетиката на интерактивните уметности на Институтот за филозофија, при Филозофскиот факултет во Скопје.
Неговата дебитантска теориска книга, „Музички бриколаж“, е објавена во 2003 година за книгоиздателството „Магор“ од Скопје, а има преведено и шест книги од англиски и една од хрватски јазик.
За време на студиите бил дел од екипата на култното радио Канал 103, а пишувал колумни и есеи за неколку македонски медиуми („Глобус“, „Окно“, „Wine Spirit“,Утрински весник).
Објавувал статии, есеи, критики и научни трудови од областите на естетиката на интерактивните уметности, ремикс културата, дигитално посредуваните уметности,филозофијата на современата популарна култура, врските помеѓу уметноста, културата и политиката во домашни и странски научни списанија; и учествувал на лоокални и регионални конференции, панел дискусии, тркалезни маси исл. Од 2012 година тој работи како професор на Универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје.
Инаку, со оглед на тоа што „Грамофонот како метаинструмент – од механичка репродукција до ремикс култура“ е всушност магистерскиот труд на Ноневски, добар дел од книгата му послужил и како темел за докторатот кој што носи наслов „Филозофските основи на дигиталната естетика“. Од таму не случајно тој вели дека делото кога и да е ќе добие своевидно продолжение чија тема ќе бидат интерактивните уметности, односно естетиката на интерактивните уметности каде што генерално ќе бидат опфатени и останатите уметности како сликарството, визуелните уметности, филмот и се разгледуваат низ претставената призма во ремикс-културата и грамофонот како метаинструмент.