Достапни линкови

Весниците ја анализираат посетата на Хан


Пораките на еврокомесарот Јоханес Хан се предмет на анализа во печатените медиуми.

Посетата на новиот еврокомесар Хан во Скопје не ја намали затегнатоста на релација власт - опозиција, вознемиреноста внатре во редовите на естаблишментот, иако се прават обиди за оставање впечаток на рамнодушие и напнатоста во јавноста откако Заев и СДСМ објавија дека се прислушувани илјадници граѓани и аудиоснимки од некои разговори на високи владини функционери со јавниот обвинител и со судии.

Хан замина, проблемите останаа - можноста кризата да се надминува со собраниска анкетна комисија за политичките аналитичари однапред е осудена на неуспех.
Утрински весник.

Посетата, од друга страна, им овозможи на некои медиуми да го засилат притисокот врз СДСМ за враќање во Парламентот, користејќи ја сугестијата на Хан. Но Утрински забележува: „Хан замина, проблемите останаа - можноста кризата да се надминува со собраниска анкетна комисија за политичките аналитичари однапред е осудена на неуспех“.

И Нова Македонија во наслов ја вади сугестијата на Хан дека „Собраниската говорница е најдобриот инструмент“.

Хан предлага парламентарна разврска - анкетна комисија за надминување на политичката криза.
Дневник.

Дневник исто така: „Хан предлага парламентарна разврска - анкетна комисија за надминување на политичката криза“.

На провладините медиуми не им беше чудно што средбата на Хан со премиерот Груевски се одржа во резиденцијата на ЕУ во Пржино, но Слободен печат во насловот прашува: „Зошто гостинот Хан среде Скопје му беше домаќин на премиерот Груевски?“

Вечер наместо тоа прашува: „Како новиот еврокомесар ќе ги интензивира реформите - Хан ќе мора да биде покреативен и од Филе?“. Инаку, и претседателскиот кандидат на СДСМ на ланските избори, Пендаровски, обелодени дека бил прислушуван 4 години, заедно со членовите на неговото семејство - објави Утрински.

Вечер, пак, има наслов: „Бомбата исчури, опозициските медиуми со лаги креваат паника - по Италијанците, Французите, Германците... ни Дачиќ не чул за власт што се прислушува самата себе“. За Дневник е „нов скандал“ тоа што поглаварот на Исламската верска заедница, реис Реџепи, на својот Фејсбук профил им изразил поддршка на Заев и на СДСМ. А „Судскиот еснаф“, како што објавува Утрински, „загрижен, но без став за бомбите - но изрази загриженост заради тоа што судството јавно мора да се брани од притисоци“.

Дали следнава информација значи нешто: Вечер и Дневник објавија дека во средата навечер, во близина на судовите, експлодирала некаква направа, но МВР уште врши увид. Немало штета и повредени, направата експлодирала на булеварот „Гоце Делчев“.

Ниту Тамара не е заборавена - Утрински објави дека во Велес е одржан протест поради небрежноста на надлежните во случајот со малото девојче кое не ја дочека операцијата во Турција и дека на 24 февруари во Скопје со протест ќе се бара оставка на министерот Тодоров.

Некои печатени медиуми, меѓу нив и Вечер, објавија дека студентската „окупација“ на факултетите продолжува и се шири: „И Архитектонскиот факултет стана автономна зона“, насловува весникот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG