Достапни линкови

Француските панкери Wank For Peace во Кула


Wank for Peace, француски панк бенд.
Wank for Peace, француски панк бенд.

Во културниот центар „Кула“ во Скопје, овој четврток, на 12 февруари, во 20 часот, концерт ќе одржи францускиот панк бенд WANK FOR PEACE. Настапот е во рамките на нивната јужно-европска турнеја, а перформансот е само една од несекојдневните содржини на ова отворено место за споделување на креативни и уметнички содржини и поттикнување на нови иницијативи во културниот живот на градот.

По изложбата на фотографии на Ана Лазаревска, проекциите на уметнички видеа на повеќемина творци, настапите на BOSONOGO DJETINJSTVO и ТHE TRUTH со заеднички наслов„ Преку ѕидовите на национализмот“ и потоа на холандскиот панк-метал бенд NOODWEER и домашните DISEASE, во независниот културен центар „Кула“ во Скопје, овој четврток, на 10 февруари, во 20 часот, планирано е да се одржи концертот на францускиот панк бенд WANK FOR PEACE.

Настојуваме активностите во „Кула“ да го овоплотат креативниот дух на градот и да ја реанимираат независната уметничка сцена.
Филип Велковски, Независен центар Кула.

Формирани во 2008 година во Ангерс, момците од овој панк-хардкор квинтет, за релативно кратко време, благодарение на нивните енергични свирки и бројните турнеи, од провинциски херои израснаа во едно од респектираните имиња на европската современа панк сцена. Зад себе имаат повеќе од 300 перформанси на локално и интернационално ниво, неколку и-пи изданија и две албумски објави. Дебитираа со „What Will Remain“ во септември 2011, а три години подоцна, во октомври минатата 2014, излезе и актуелниот „Fall Forward“ по кој ја започнаа и својата јужно-европска турнеја во рамките на која по Франција, ќе свират во Словенија, Србија, Македонија, соседна Грција, па во Италија и ќе го затворат кругот во нивната татковина со настап во Марсеј.

Во текот на годината имаме намера да организираме уште десеттина свирки, пет-шест изложби и чекаме да се стопли времето и да почне летната сезона за да започнеме со филмските проекти во дворот на „Кула“.
Самир Карахасан, Независен центар Кула.

Инаку, независниот центар „Кула“ е отворено место за споделување на креативни и уметнички содржини, а воедно цели кон поттикнување на нови иницијативи во културниот живот на град Скопје. Оттаму неговото дејствување се насочува кон интегрирање и развој на алтернативни теми и идеи, генерирање на иновативни дела и размена на суштински информации во поглед на севкупното материјално и духовно егзистирање. Тимот на Кула го сочинуваат дваесетмина културни работници кои ентузијастички го споделуваат своето слободно време, волонтирајќи во овој културен центар. Својот активизам го поддржуваат со принципот на донација кој е униформен начин на делување на „Кула“, а воедно ја поддржува идејата за креативно самоодржување на еден простор.

Во изминативе неколку месеци се реализирани бројни настани, изложби и промоции од интернационален и регионален карактер.

„Настојуваме активностите во „Кула“ да го овоплотат креативниот дух на градот и да ја реанимираат независната уметничка сцена. Програмата на центарот е всушност отворен повик за сите потенцијални или етаблирани творци, уметници, автори и здруженија да ги вмрежат своите дејствувања во обид да се создаде заедничка платформа за промоција и интеграција на културните вредности“, вели Филип Велковски во име на ентузијастите и културните дејци од ова урбано, субкултурно и независно сврталиште на Скопје.

Самир Карахасан, пак, дополнува дека преговараат и наскоро го очекуваат доаѓањето на бендовите THE PINK FLAMINGOS и SHOCKTROOPERS, а во план се и неколку изложби, перформанси и работилници.

„Во текот на годината имаме намера да организираме уште десеттина свирки, пет-шест изложби и чекаме да се стопли времето и да почне летната сезона за да започнеме со филмските проекти во дворот на „Кула“. Тоа е глобалниот план на кој сме ангажирани и за кој сè уште немаме конкретни податоци, а во меѓувреме ќе потпишеме и шест работилници чија цел е да ја поттикнуваат креативноста кај луѓето. Првата ќе биде за креативно шиење, па потоа ќе има за сито-печат, за фотографија и така со ред“, вели Карахасан.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG