Достапни линкови

Ѕиркањето во банкарските сметки ќе отвори многу проблеми


Може да настанат проблеми со практичната примена на законот велат аналиитчарите, додека пак власта вели дека целта на законот е олеснување на процедурите.

Финансиски трансакции кои ќе се извршуваат надвор од банкарските текови, плаќање на црно, затварање на сметки и влевање на страв кај граѓаните дека некој постојано во секој поглед ги следи. Ова се дел од можните негативни последици од измените на законот за банки, велат аналитичарите. Поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски предупредува на можни проблеми со практичната примена на законското решение.

Сметам дека предложеното решение е само уште еден доказ дека буџетот на државата е во лоша состојба и дека расходната страна е со многу побрзо растечко темпо отколку приходната, затоа мислам дека ова е уште еден обид да се одложи експлозијата на државната каса.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Дознаките од странство коишто поединци ги примаат не значат и приход за тоа лице, бидејќи можат на пример да бидат наменети за плаќање на одредени обврски на привремено отсутни граѓани од државата, кои за сметка на друго лице, односно на тие лица кои се отсутни ги плаќа или ги извршува некој граѓанин, близок роднина или обврзан од тоа лице.“

Втор проблем може да биде и плаќањето на одредени граѓани на црно, објаснува Најдовски.

„Наместо преку трансакциска сметка да се врши во готовина, што од друга стана може да донесе проблеми и во даночната сфера.“

Најдовски објаснува дека измените на законот со кои се овозможува увид во банкарските сметки на граѓаните од страна на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, се избрзани, неанализирани, недоволно обмислени, нејасни и оставаат голем простор за манипулација од страна на институциите.

Со цел да им се помогне на граѓаните да се намалат гужбите и малтретирањата на граѓаните заради проверка на нивните податоци. За таа цел по службена должност институциите ќе побараат од банките податоци за оние граѓани коишто имаат права, по основ на пензиско или здравствено осигурување.
Зоран Ставрески, министер за финансии.

Според него овие измени се само уште еден обид да се заштити испразнетиот државен буџет затоа што Владата го носи ова решение во една панична ситуација кога се соочува со проблем на реализација на приходи во буџетот.

„Сметам дека предложеното решение е само уште еден доказ дека буџетот на државата е во лоша состојба и дека расходната страна е со многу побрзо растечко темпо отколку приходната, затоа мислам дека ова е уште еден обид да се одложи експлозијата на државната каса. Се разбира дека овие измени на законот заради комплицирањето на постапката, можат да дадат само краткорочен ефект, но на подолг рок тие не се решение за состојбата во буџетот.“

Предлагачот на законските измени министерот за финансии Зоран Ставрески неодамна изјави дека целта на законот е олеснување на процедурите.

„Со цел да им се помогне на граѓаните да се намалат гужбите и малтретирањата на граѓаните заради проверка на нивните податоци. За таа цел по службена должност институциите ќе побараат од банките податоци за оние граѓани коишто имаат права, по основ на пензиско или здравствено осигурување.“

Според владејачкото мнозинство во Собрание со овие измени во законот за банки ќе се намалат злоупотребите при користење на социјална, постојана парична помош и бесплатно здравствено осигурување од одредена категорија на граѓани.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG