Одбран како еден од петте проекти кои учествувале на распишаниот конкурс, „Ние сите сме сами во ова“ на уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски е македонскиот претставник за претстојното 56-то Венециско Биенале, една од најзначајните глобални ликовни манифестации, која годинава е планирано да се одржи од 9 мај до 22 ноември.
Малкуте информации што постојат за еден исклучителен автор, мајстор, зограф, за кој што е тешко да се трасира неговиот животен и креативен пат беше предизвик да го искористиме она што е останато како фреско-живопис.Христина Ивановска, уметник.
„Проектот, заедно со Јане Чаловски, како концепт го реализиравме во септември 2014 година во една експериментална галерија во рамките на Естаблише кунст хале Баден Баден. Го осмисливме како интимен простор за контемплација и ни се чинеше дека ќе биде интересен предлог да го понудиме на конкурсот објавен од страна на Министерството за култура за да не претставува на 56-то Венециско биенале и за кој мислиме дека нашата тема некако се поклопува и со годинешната тема на Биеналето предложена од гостинот куратор Оквуи Енвезер - „Сите иднина на светот“, а која всушност ја следи теоретската луцидна мисла на влијателниот Валтер Бенјамин и се осврнува токму на толкувањето на делото на Пол Кле и неговиот Ангелус Новус (како претстава на ангелот на историјата и неговото реинтерпретирање денес)“, вели Ивановска.
Таа појаснува дека „Ние сите сме сами во ова“ е мултидисциплинарен ликовен зафат кој ја тематизира претставата за вербата, како емотивна и интелектуална состојба, и своевидна современа социо-политичка аномалија. Вели дека проектот, пред сѐ, е истражувачки и создаван во повеќе етапи, и произлегува од нивниот силен интерес кон идејата за реактивирање, или пак реанимирање, на нови релации кои произлегуваат од реконтекстуализирање на сликарското дело на анонимниот автор од црквата од XII век „Свети Ѓорѓи“ од Курбиново (видена како предзнак за идејата на истражувачки центар) во дијалог со современите концепти за истражувачка, концептуална и концепт-базирана уметност.
Во овој проект Иваноска и Чаловски и нивните тематски определби – иконографијата и јазикот, архивираното и недокументираното, научното наспроти вернакуларното - изворното познавање на нештата, се во самата срж на проектот.Маја Чанкуловска-Михајловска, куратор.
„Малкуте информации што постојат за еден исклучителен автор, мајстор, зограф, за кој што е тешко да се трасира неговиот животен и креативен пат беше предизвик да го искористиме она што е останато како фреско-живопис. Да го поставиме во просторот прекриен со златна боја, значи да го избришеме визуелното, туку да бидат поставени само остатоците од фрескоживописот, за да ја нагласиме таа вековна врска помеѓу зографот и црквата и потребата на црквата од зоографот да го визуелизира она што е претставено во библијата, а од друга страна па на зографот да изнајде начин да биде уникатен , да креира свој стил...како што е тоа случајот со зографот во Курбиново за кој што голем број од историчарите на уметност се согласуваат дека дури во тоа време, во 12 век, создал еден свој препознатлив стил и успеал да го наметне надвор од каноните на она што е поставено како канон и правила на живопис“, истакнува уметницата.
Куратори на „Ние сите сме сами во ова“ се Башак Шенова од Турција и Маја Чанкуловска-Михајловска и тие забележуваат дека всушност се работи за мултидициплинарен ликовен зафат кој ја тематизира претставата за вербата, како емотивна и интелектуална состојба, и своевидна современа социо-политичка аномалија.
„Во овој проект Иваноска и Чаловски и нивните тематски определби – иконографијата и јазикот, архивираното и недокументираното, научното наспроти вернакуларното - изворното познавање на нештата, се во самата срж на проектот и го прават несекојдневно визуелно и интелектуално искуство за гледачот кое јасно комуницира со својот современо концептуализиран ликовен јазик. Двајцата уметници во своите изложени дела се занимаваат со вербата (или немањето верба како современа аномалија?), која не се задржува на религиозното верување, туку на преиспитување на сопствените вредности и своите верувања“, ќе рече Чанкуловска-Михајловска.
Кураторката истакнува дека притоа се поставува прашањето како и во што можеме да веруваме денес и каква е улогата на уметноста во однос на вербата? Од таму вели дека цртежите и објектите на Чаловски на пример, кои се базираат врз записи на американскиот уметник Пол Тек претендираат да ја претстават личната борба на уметникот низ три аспекти: продукцијата на сопствените дела, задржувањето на вербата во делата, и прилагодување на очекувањата за тоа како ќе бидат прифатени, третирани и разбрани од публиката.
Конечно, таа нагласува дека делото на Иваноска и Чаловски е особено актуелно и отворено по однос на прашањата кои освен што се функционални во светот на уметничката експертиза и практика, се прошируваат надвор од нејзините граници во реалниот живот. Вели дека во контекст на поширокиот проект на Венециското Биенале, каде идејата за изложбата се поставува во вид на сцена, во рамки на која ќе бидат истражувани историски и аисториски тематски проекти, ова дело претставува историска траекторија од гласови, која без разлика дали е низ говорот на зографот од Курбиново, или оној на Симон Веил, Лиз Иригаре или Пол Тек, низ референтен ликовен јазик ги третира причините, потребите и конвенциите (како и начините на кои поединецот пристапува за да ги избегне истите) за верувањето адресирано до уметнички, активистички, социјални, колективни, но и индивидуални засегнатости.
Инаку, уметниците Христина Ивановска и Јане Чаловски соработуваат од 2000 година. Нивните проекти оживуваат повеќеслојни концептуални можности преку силни асоцијации кои ја преиспитуваат динамиката на уметничката дејност. Истовремено инспирирани од насобранотознаење, интуитивните референци, историските и современите контексти, обајцата земаат своја сопствена насока, а потоа се спојуваат и развиваат необична логика во природата на нивната постојана соработка.