Портпаролот на Стејт департментот Џеф Ратке изјави дека ваквите акции, како и не дозволувањето правни советници за време на сослушувањето на новинарите претставуваат причина за загриженост.
Тој додаде дека затворањето на дописништвото во Баку се случи неколку денови откако американскиот државен секретар Џон Кери ја изразил загриженоста на Вашингтон за човековите права во Азербејџан за време на телефонски разговор со претседателот Илхам Алиев.
Канцелариите на дописништвото на азербејџанскиот сервис познат како Радио Азалдик беа претресени на 26 декември од претставници на јавното обвинителство при што беа конфискувани документи и опрема.
Дванаесетмина вработени беа притворени на распит, а по два дена ослободени откако биле принудени да потпишат документ дека нема да откриваат детали за истрагата.
Властите мора да дозволат продолжување на работата на бирото и да го штитат постоењето критички гласови во Азербејџан.Дуња Мијатовиќ, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите
Коментарите на Ратке следуваа откако претседателот Алиев помилува 87 лица осудени за кривични дела, меѓу нив и неколкумина политички затвореници. „Амнестијата е чекор во вистинска насока“, изјави Ратке.
Во меѓувреме претставникот на ОБСЕ за слободата на медиумите Дуња Мијатовиќ оцени дека затворањето на дописништвото во Баку е уште еден удар за слободата на изразување во таа земја.
„Властите мора да дозволат продолжување на работата на бирото и да го штитат постоењето критички гласови во Азербејџан“, наведува Мијатовиќ.
Претходно, директорот на Одделот за односи со странство Новруз Мамадов ги обвини американските дипломати за, како што рече, губење на нивната смисла за пропорција околу затворањето на дописништвото на Радио Слободна Европа во Баку.
Инаку до тоа дојде, како што соопштија властите, во рамките на истрагата на редакцијата како ентитет финансиран од странство. Сијавуш Новрузов, претставник на владејачката партија оценува дека станува збор за прашање поврзано со националната безбедност.
„Секое место каде што се работи за странски разузнавачи и за ерменското лоби би требало да биде затворено“, изјави тој.
Фокусот врз Радио Слободна Европа Радио Либерти беше ставен во рамките на најновите активности на владата во справувањето со новинарите и луѓето кои ја критикуваат владата.
Околу 15 новинари и блогери, меѓу нив и Кадија Исмаилова од Радио Слободна Европа се наоѓаат зад решетки.