Достапни линкови

Гаши - Етнички концепт за Албанците и граѓански за останатите


Гаши - Етнички концепт за Албанците и граѓански за останатите
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:29 0:00

Гаши - Етнички концепт за Албанците и граѓански за останатите

Не може еден субјект да биде само етнички и не може да биде само граѓански, сега засега. Ние ќе направиме јасна дистинкција што се барања за етничките заедници и во однос на тоа ќе настојуваме Албанците да бидат рамноправни граѓани на оваа држава. Но, што се однесува до граѓанските права, тука ќе бидеме инклузивни и ќе работиме 100 проценти тоа да биде право за секој граѓанин, вели Африм Гаши, еден од основачите на политичкото движење Беса, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Гаши, зошто се решивте да ја формирате Беса и каква платформа и програма ќе понудите?

Беса е политички субјект кој сакаме да го формираме и сме на оваа политичка сцена затоа што многу работи во ова општество, не одат така како што сакаме да одат. Имаме меѓуетнички проблеми, проблеми на економски план, на социјален план... Ние како млада генерација настојуваме да изградиме еден нов концепт на државно уредување, нов начин на функционирање, да направиме една нова Македонија која ќе има нов функционален систем кој би бил подобар за сите граѓани во Македонија. Првенствено поради правилата на политичката игра кои се поставени во нашето општество, сме организирани како политички субјект кај Албанците, па преку нив да дојдеме во ситуација да изградиме, да настојуваме да изградиме нов политички систем.

Како ќе се наметнете покрај владејачката ДУИ и опозициската ДПА кои доминираат на политичката сцена и не дозволуваат нивниот терен да биде загрозен?

Што се однесува до наметнувањето, мислам дека не треба многу да се наметнуваме, има многу голем оставен простор. Во однос на содржината на политичко дејствување, овие субјекти коишто ги споменавте, тие се на сцената и зафатиле одреден простор, но содржински и супстанцијално не ги претставуваат и не ги исполнуваат барањата или тоа што тие го ветиле пред своите гласачи. Ако сакате емпириски, повеќе од 50 проценти од Албанците не излегуваат на гласање, ние тој дел и така ќе го таргетираме, но секако и во однос на тие што гласале досега, има многу Албанци коишто се разочарани од субјектите коишто ги гласале претходно. Претходните субјекти оставаат многу простор, тие не изградија свој концепт, не се изјаснија што сакаат со Македонија, што сакаат со Албанците, не покажаа некоја визија за некој процес кој ќе го дотуркаат во иднина, затоа мислиме дека просторот е оставен, дека има многу простор за тоа. Ние излегуваме со јасен концепт во кој и Албанците ги гледаме во државата, и државата ја гледаме во наредните 20 години, и знаеме, имаме идеја како тоа би се движело. Затоа мислам дека нема да биде проблем како ќе се наметнеме.

Рековте дека ДУИ и ДПА немаат концепт и не ги исполнуваат барањата на гласачите. Тогаш како опстојуваат на политичката сцена?

Мислам дека повеќе се работи за недостаток на политичка алтернатива. Меѓу две политички празнини, луѓето се одлучуваат за помалку добрата или помалку лошата, но супстанцијално, пак велам, нема некоја содржинска голема разлика меѓу нив и јас мислам дека „Беса“ со својот концепт, со тоа што ќе разговара со граѓаните, јавно и на терен со луѓето ќе го објасниме својот концепт и ќе знаат луѓето да препознаат меѓу содржина и нула.

Дали и вие како што често се случува во албанскиот политички блок ќе играте на националистичка карта или планирате поинклузивен граѓански концепт на партијата?

Во овој дел сме уникатни. Сакаме да ги поделиме овие два начини на дејствување. Не може еден субјект да биде само етнички и не може да биде само граѓански, сега засега. Ние ќе направиме јасна дистинкција што се барања за етничките заедници и во однос на тоа ќе настојуваме Албанците да бидат рамноправни граѓани на оваа држава. Но, што се однесува до граѓанските права, тука ќе бидеме инклузивни и ќе работиме 100 проценти тоа да биде право за секој граѓанин на Република Македонија да може да ги реализира своите права во оваа држава. И не сметаме дека етничките права треба да бидат пречка во реализирање на граѓанските права, што е случај сега.

Значи сметате дека албанските граѓани не се рамноправни. Како ќе го постигнете тоа?

Ние мислиме дека ако Албанците ни ја дадат бесата нам, значи зборот или гласот, ние ќе отвориме дебата со македонските политички претставници, со поголемите партии што ќе победат и сакаме да отвориме една нова поширока дебата, општествена, граѓанска, интелектуална, да констатираме сите заедно дека овој начин на функционирање на државата не е добар, не функционира. Ние во нашата политичка декларација кажавме дека проблемот во Македонија е системски, проблемот е така конструиран да произведува дискриминација. Ние мора заеднички да се убедиме дека тие системски проблеми треба да ги отстраниме, ако сакаме да изградиме една функционална држава каде сите граѓани ќе бидат рамноправни и етничките заедници во однос на државата, но и граѓаните во однос на државата.

Движењето го сочинуваат група млади интелектуалци. Колку тие се свесни за проблемите кои ги мачат обичните граѓани?

Ние сме дел од ова општество. Секојдневно се соочуваме со сите проблеми во нашето општество. Тоа што сме работеле во други сфери во општество, не нè става надвор од проблемите што ги имаат нашите граѓани. Секојдневно сме по тие населби, живееме во тие градови и точно знаеме што е проблемот. Врз основа на тие проблеми, ние го изградивме концептот. Затоа излеговме на некој начин со лична карта со три А (ААА), што значи автентичен, автономен и автохтон. Нашиот концепт произлегува од тука, заснован е на проблемите на нашите граѓани и затоа мислиме дека добро сме ја детектирале и дијагностицирале работата, се консултираме со разни експерти и дојдовме до еден модел за кој веруваме дека е добар за сите.

Кои се проблемите што велите сте ги детектирале кај граѓаните и на што ќе работите?

Сите знаеме, скоро сите статистики покажуваат дека проблемот со невработеноста е најголем, проблемот со меѓуетничките односи, кој се продуцира од страна на државата е голем. Ние сметаме дека во основа меѓуетничките односи се добри и стабилни, но државата интервенира тие да се продлабочат и да не бидат како што треба. Друго, имаме проблем со евроинтеграциите, не можеме да ја држиме државата изолирана од светските или европски трендови, сиромаштијата, економијата, образованието, културата, така што сите овие проблеми за коишто мислам дека сите сме свесни, мислиме дека се пречка за развој на државата како целина и за посебните етнички заедници, кој помалку, кој повеќе во определено време.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека двете големи албански партии во Македонија се многу продуктивни за Албанците, а трета би била штетна. Како ја коментирате неговата изјава?

Во моментот кога се формираше ДУИ и тие тогаш беа трета опција и постигнаа да бидат први неколку години, Албанците секогаш ги гласаа, но знаеме дека Албанците се разочарани од нивните постигнувања. Јас мислам дека Албанците особено немаат никаква понуда во моментот, ние, ако гледаме содржински, сме единствената, но тие како организација, како структура, со тоа што успеале да влезат во Парламентот и во власта, ги држат административците, ги условуваат за да добијат гласови, тоа е друга приказна, но во основа недостига добро конструирана или добро оформена политичка понуда за да се реализираат тие права што некое време се бараат од страна на Албанците, а тие права не ги надминуваат границите на рамноправноста, ништо повеќе од тоа.

Кои гласови очекувате да ги придобиете, односно кон кои гласови претендирате?

Првенствено ги таргетираме тие 50 проценти неопределени, но како што иде времето, многу голем број на луѓе кои се членови, кои се дури функционери на ДУИ, ни пристапуваат, велат дека се согласуваат со нашата идеја и со нашиот начин на пристапување кон политиката, ние сè повеќе сме убедени и дека и од таа страна ќе имаме гласови, но во основа „Беса“ не е политички концепт само за придобивање на гласови. Наша цел не се гласовите, наша цел е креирање на друг систем на вредности. Тоа што денес и кај Албанците и воопшто во Македонија се конструира како систем на вредности, каде што правото не е вредност, туку корупцијата, образованието не е вредност, туку вредност е игноранцијата, незнаењето, ние сакаме да покажеме дека кај нас вреди човек да е умен, да вреди, да инвестира во своето знаење, да е морален, да не може да се корумпира. Ако успееме да ги донесеме овие вредности во нашето општество, ние сметаме дека победата на избори ќе дојде и така, но се сметаме дека тоа е цел, ние сметаме дека изборите или гласовите се само алатки како да се дојде до тој нов систем на вредности.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG