Достапни линкови

Кога власта нешто ќе науми, граѓаните стануваат небитни


Во изминатите неколку години се покажа дека кога власта ќе науми нешто, таа ќе си го истера зацртаното без разлика на противењето на дел од јавноста или на спротивставените аргументи. Дел од критичката во преголемото мешање на власта во сите сфери од животот препознаваат обид за изградба на држава и народ по владин терк. Последна работа која ја разбранува јавноста е воведувањето државен испит на факултетите - проект што владата го тера и покрај противењето на студентите.

Власта има преголема улога во сите сфери од општественото живеење, велат експерти во своите области, и ретко прифаќа сугестии за она што веќе наумила да го направи. Тоа, пак, создава впечаток дека сака да изгради држава и да оформи луѓе по свој терк. Создава одредена слика, го уредува однесувањето на луѓето, нивното семејство, како треба да јадат и да се однесуваат, им ги уреди фасадите на домовите и институциите, ја уредува историјата, културата, образованието, колку деца да имаат и на кој начин да се пораѓаат, коментираат нашите соговорници за она што ѝ се случува со години на Македонија, а што уште еднаш се покажа со сето она што се случува со високото образование.

Имате ситуација каде се менува идентитетот на сопствениот народ, се менува личниот опис на главниот град. Од аспект на политики, имате мешање на власта во сите сегменти, од образование, култура, земјоделство, во што и да е, значи тие се обидуваат да го изградат или да го моделираат новиот Македонец, новиот Албанец, новиот Турчин итн.
Едмонд Адеми, политички аналитичар.

„Имате ситуација каде се менува идентитетот на сопствениот народ, се менува личниот опис на главниот град. Од аспект на политики, имате мешање на власта во сите сегменти, од образование, култура, земјоделство, во што и да е, значи тие се обидуваат да го изградат или да го моделираат новиот Македонец, новиот Албанец, новиот Турчин итн.“, вели аналитичарот Едмонд Адеми.

Мора нешто да се промени во високото образование, рече неодамна премиерот Никола Груевски, оти како што рече има факултети, па и цели универзитети каде проодноста на студентите е без знаење или без доволно знаење, каде што се ставаат деветки и десетки на секој, независно кој колку научил. Според него, тоа е нездраво за едно општество и со тоа се прави штета на самите студенти. Оти владата чувствува одговорност да се промени таквата состојба, пред два месеци се обелодени идејата за надворешна проверка на знаењето на студентите.

Не можеме да дозволиме пред очи да поминува нешто што сите го знаат. Јавна тајна е дека во Македонија значаен дел универзитети илиодделни факултети го прават тоа, особено приватни. Не сите, но кај дел од нив владее девизата: ако плати, не смее да падне на испит и дека треба да има висока оценка.
Никола Груевски, премиер.

„Не можеме да дозволиме пред очи да поминува нешто што сите го знаат. Јавна тајна е дека во Македонија значаен дел универзитети илиодделни факултети го прават тоа, особено приватни. Не сите, но кај дел од нив владее девизата: ако плати, не смее да падне на испит и дека треба да има висока оценка. И кај самите студенти или кај дел од нив што одат на приватно образование, исто така владее девизата: сум платил и не треба да учам или не сум платил за да учам. Тоа е многу нездраво и е штета за тие луѓе. Тие се се уште млади и тоа можеби сега го гледаат како благодат - дека без потрошено време за учење ќе добијат високи оценки и диплома, но кога ќе влезат во реалниот живот, кога ќе треба да работат и заработат и да го обезбедат своето семејство, тогаш ќе сфатат каква штета им направиле тие што на таков начин им ги дале оценките“, рече Груевски.

И од тогаш тргна целата работа. Екстерното тестирање се претвори во државен испит, студентите излегоа на улица, два пати, добија поддршка од други граѓани, се разбуди еден сегмент малку непознат за нашето општество.

Владата не така одамна се фалеше со бројот на запишани студенти на факултетите. Додека со министерството министеруваше Перо Стојановски, во отчет во 2008 тој наведе дека во прва година на факултет на државните и на приватните универзитети се запишале 19.128 или 85 отсто од матурантите, што е двојно повеќе од 2006/2007 година кога се запишале 8.847 бруцоши.

За време на оваа влада донесени се повеќе интервенции во областа на високото образование, променет е повеќе пати законот за високо образование и секоја од мерките преземени по пат на закон, значеа и значат понатамошна деградација на автономијата, а од друга страна универзитетот молчи, особено молчат професорите.
Светозар Шкариќ, универзитетски професор.

Следните години на факултет се запишуваа и повеќе од 90 проценти од матурантите. Уште тогаш упатените укажуваа дека не е добро сите да одат на факултет, оти на тој начин ќе се обезвредни значењето на дипломите. Тогаш започна уписната државна политика која овозможува речиси секој да може да се запише на факултет. Се намалија парите кои се плаќаа за приватна квота, се отворија дисперзирани факултети во речиси секој град, се отворија многу приватни факултети и академии, со што се отворија речиси двојно повеќе слободни места, отколку што има матуранти. Потоа владата започна и проект за студирање на повозрасни граѓани. Овие одлуки, како што велеа од Министерството за образование, се однесени за да се зголеми нискиот процент на граѓани со високо образование. Во 2009-та тогашниот министер за образование Никола Тодоров рече дека во Македонија само седум или осум проценти од населението има високо образование, а европскиот просек е над 40, а некаде и над 60 отсто. По медиумите непрестајно кружена рекламите „образованието е сила, образованието е моќ“. После неколку години, таа сила излезе на протест.

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ вели дека владата е во право кога вели дека има студенти кои поминуваат без знаење и дека дипломите се обично парче хартија, но додава дека тоа не може да се надмине на ваков начин.

Министерството за образование и владата отворија неколку нови факултети, дисперзирани студии, кои што се со мошне сомнителен квалитет. Сето тоа сега е како бумеранг бидејќи се констатира дека оваа иницијатива на владата всушност го ослабна образованиот процес.
Нано Ружин, универзитетски професор.

„Причините за ваквите состојби не се студентите, причините се пред сè мерките на владата донесувани во последните неколку години во врска со дисперзијата на студиите во внатрешноста, отворање на голем број универзитети и факултети, никаков интерес на одборот за акредитација и најпосле голема импровизација во остварувањето на тој процес што самите факултети го спроведуваат“, вели Шкариќ.

Тој додава дека универзитетот се деградира со години.

„Универзитетот е деградиран, посебно од почетокот од кога се воведе Болоњскиот процес. Болоњскиот процес го потпиша и го прифати владата уште од времето на Црвенковски, меѓутоа владата уште од тогаш, 2004-2005 година, речиси ништо не презела за операционализација на тој Болоњски процес, а потоа за време на оваа влада донесени се повеќе интервенции во областа на високото образование, променет е повеќе пати законот за високо образование и секоја од мерките преземени по пат на закон, значеа и значат понатамошна деградација на автономијата, а од друга страна универзитетот молчи, особено молчат професорите“, вели Шкариќ.

Целта е да се постигне некаква целосна контрола над целото општество, што во случајот на високото образование ќе биде многу комплицирано и многу штета ќе нанесе.
Ненад Новковски, поранешен министер за образование.

Една од поентите на кои укажуваат професорите е дека ако Министерството согледало дека има пропусти во високото образование, треба на побезболен начин да ги коригира, а не да ги казнува студентите со дисквалификација и да ги обременува со страв дека може да бидат исклучени од образовниот процес.

„Министерството за образование и владата отворија неколку нови факултети, дисперзирани студии, кои што се со мошне сомнителен квалитет и со оглед дека овие факултети се претворија во фантомски институции, кадешто еден професор држи по неколку предмети, а од друга страна тоа доведе и до сомнителност во квалитетот. Сето тоа сега е како бумеранг бидејќи се констатира дека оваа иницијатива на владата всушност го ослабна образованиот процес“, вели професор Нано Ружин.

Поранешниот министер за образование Ненад Новковски вели дека со најавата за измени во законот за високо образование, владата се надмина самата себе.

„Целта е да се постигне некаква целосна контрола над целото општество, што во случајот на високото образование ќе биде многу комплицирано и многу штета ќе нанесе. И додека државата се меша, таа се повеќе ќе внесува неред, фактични неквалитетот доаѓа од претераното мешање на државата, а не од лошиот систем на високо образование“, вели Новковски.

За потребата власта да контролира се, од спортски клуб до универзитет, зборува и режисерот Слободан Унковски, во интервју за Радио Слободна Европа.

Унковски - Луѓето се будат од хипнозата
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:26 0:00

Наместо тоа се нудеа други одговори коишто беа за дневни употреби, од денес до утре. Од еден концепт којшто ни е надуен и базиран на некаков задоцнет националистички занес. Ние мора да се вратиме и да видиме кои сме и што сме и какви сме. Без јасни одговори не можеме понатаму.
Слободан Унковски, режисер.

​„Тоа ги покажува манијакалните состојби на оние што ја водат државата, значи тоа не е веќе нормална состојба, зашто има мерка на потребата да се контролира, не, сè мора да се контролира до крај, сè мора да биде под контрола, сè мора да се решава од едно место и тоа станува неподносливо“, вели Унковски.

Тој додава дека од таа една комплетна контрола веќе го снемува воздухот за дишење, а камоли за какво било одлучување. Но со студентскиот марш, се крши прозорот за да влезе воздух, а со тоа се отвора една нова надеж во менување на состојбите, не околу екстерното или државниот испит, туку околу состојбите и демократијата во Македонија. Унковски вели дека Македонија не го знае одговорот на прашањето која е, оти го заборави тој одговор, ѝ беше одземен, ѝ беше уништен, ѝ беше всушност затворена устата да каже што било.

ts march
ts march

„Наместо тоа се нудеа други одговори коишто беа за дневни употреби, од денес до утре. Од еден концепт којшто ни е надуен и базиран на некаков задоцнет националистички занес. Ние мора да се вратиме и да видиме кои сме и што сме и какви сме. Без јасни одговори не можеме понатаму “, рече Унковски.

Сите овие стилови што се реинтерпретирани во денешна смисла во коишто има примеси и од барок и од неокласицизам се анахрони, како прво, што е најбитната работа, второ, тие никогаш не вирееле на ова тло.
Донка Барџиева Трајковска, „Центар за културно наследство“.

Иако најави дека ќе организира јавна дебата за воведувањето државен испит, Министерството за образование прво ја смени локацијата, па подоцна им ги затвори вратите на студентите при последната средба на министерот Абдулаќим Адеми со деканите на Педагошките факултети. Според дел од аналитичарите, тоа е веќе востановена практика на владата - кога нешто ќе науми, јавната дебата за тоа прашање власта ја сфаќа само како одобрување на тој проект.

Впрочем, на сличен начин се најави и проектот Скопје 2014. Неколку години наназад Скопје добива нов барокен изглед, нови фасади, нови згради, споменици, мостови, во стил кој не е близок на нашата традиција. Многупати се зборуваше, прекоруваше, апелираше да не му се прави тоа на Скопје. Претседателката на Здружението на граѓани „Центар за културно наследство“, професор Донка Барџиева Трајковска, вели дека станува збор за еден идеолошки проект којшто има за цел да направи лажна слика за историјата на Македонија.

Изгледа дека актуелните политичари не си ја сакаат сопствената историја и сопственото културно наследство, вели таа и додава дека власта за кратко време сакала да создаде „историја во камен“ и да го измени градот.

„Се оди по центарот на градот, се шета, се прават тури, се раскажува историјата којашто во суштина нема никаква поткрепа со ниту еден историски факт, значи сите овие стилови што се реинтерпретирани во денешна смисла во коишто има примеси и од барок и од неокласицизам се анахрони, како прво, што е најбитната работа, второ, тие никогаш не вирееле на ова тло.“

На нив им е важно да се покажат пред светот што ние покажуваме. Пример со сите објекти што се изградени покрај Вардар, тоа е за да се покаже каква барокна архитектура имаме ние, дека не сме нација од сега и имаме минато, а какво минато со барок, бидејќи знаете дека барок егзистираше пред 200-300 години.
Ѓорги Константиновски, архитект.

Архитектот Ѓорги Константиновски вели дека целта на градењето на овие објекти е да се претстават луѓето од власта колку се силни и јаки пред светот, колку тие работат за народот.

„На нив им е важно да се покажат пред светот што ние покажуваме. Пример со сите објекти што се изградени покрај Вардар, тоа е за да се покаже каква барокна архитектура имаме ние, дека не сме нација од сега и имаме минато, а какво минато со барок, бидејќи знаете дека барок егзистираше пред 200-300 години.“

Последно копијата се кршат за Градскиот трговски центар. Власта и него сака да го реновира во барок. Но граѓаните сè уште жилаво се спротивставуваа на ваквата идеја.

Како дел од мерките за градење држава и народ по свој терк, дел од интелектуалната јавност ги посочува давањето предност на античкиот, пред останатиот дел од македонската историја, но и преку лустрацијата на почитани великани на македонската култура.

Писателот Димитар Башевски неодамна за нашето радио изјави дека се негираат речиси сè што е создадено во изминатите децении по војната, тврдејќи безмалку дека македонската државност почнала во последните седум години.

„Тоа се, се разбира, наизглед бесмислици, меѓутоа се редат во некој систем и во некој ред, опасен за самата наша национална, државна и културна егзистенција“, вели тој.

Башевски посочува вели дека лустрацијата, сама по себе, не може да го урне идентитетот, туку дека е дел од една поширока политика.

„Таа, во своите главни аспекти, ја има на пример антиквизацијата, која ја сметам за многу опасна, бидејќи го поткопува националното ткиво и македонскиот идентитет. Второ, го имам предвид негирањето на континуитетот на македонската државност, НОБ, борците, АСНОМ итн. Се изместува дури и илинденската борба, тенденциозно ставајќи во преден план некои актери од тој период, кои од македонската историја се оценети како луѓе кои не работеле баш во корист на државноста“, вели Башевски.

Аналитичарот Едмонд Адеми, вели дека последиците од обидот на власта се да стави под свое, ќе бидат многу тешки, па ќе треба напор за да земјата се врати на правилниот колосек.

„Работата е отидена предалеку, за жал. За тоа да се поправи не само што ќе има потреба и од време и од пари, ќе има потреба и од многу енергија, многу работа и многу труд, за некако да се вратиме на нормален колосек како што функционира секоја нормална држава, колку-толку.““.

Токму затоа, голем дел од критичката јавност на студентските протести гледа како на нешто што може да ги помрдне работите од сегашната ситуација, дека може да ја натераат владата да прифати нечии сугестии или да се повлече од нешто што го наумила. Сметаат дека компромисот и вклучувањето на засегнатите страни во донесувањето на одлуките може да биде прв чекор кон нормализација на односите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG